Заев повторно дообјаснуваше што сакал да каже екс разузнавачот Верушевски

Зошто Верушевски не се дообјасни за она што го изјави на 23 септември и ја разбранува јавноста дека бомбите доживеале страотни модификации? Вчера екс-разузнавачот на рочиштето за Таргет – тврдина го сврти вниманието кон целосно друга страна. Рече дека дека главните виновници за прислушувањето биле екс-премиерот Никола Груевски и поранешните агенти на УБК, Горан Грујовски и Никола Бошковски.

После оваа изјава, премиерот го дообјаснуваше Верушевски, инаку негов советник, најавувајќи дека екс-разузнавачот ќе каже дополнително што била поентата.

Но тоа не се случи.

„Основните документи за прислушување се во рацете на тројцата избегани кои имале монопол на целиот процес на илегално прислушување. Досието што лидерот на СДСМ го доставил во СЈО се само мал дел од прислушуваните материјали кои ги имале тогаш Никола Груевски, Горан Грујовски и Никола Бошковски. Поголемиот дел од материјалите се во рацете на бегалецот во Унгарија и двајцата пребегани во Грција. Што содржат тие, само Господ знае“, истакна Верушевски на второто рочиште.

Денеска пак Заев се наврати на изјавата на Верушевски,при што повторно се обиде да го дообјасни разузнавачот, во правец дека поранешниот премиер Груевски е виновен за прислушувањето, но не го амнестираше ниту Мијалков кој мора да го понесе својот дел од одговорноста.

Ги потврдувам само фактите кои се факти и како и да бидат кажани тие не ја менуваат својата суштина, вистина и основаност. Токму е времето на Груевски во кое се случуваше ваквата узурпација на човекови слободи и права преку преслушување на повеќе од 20 илјади народ, преку барем обезбедени повеќе од едем милион разговори и пораки. Тоа кое исто така е недвосмислен факт е дека шеф на државната безбедност во тоа време бил Сашо Мијалков и тука нема бегање. Секој со својата одговорност, тој што бил премиерот и како тоа го насочувал и го правел, си ја носи својата одговорност, но и тој што ја водел УБК и кој овозможил да бидат ставени на слушање толку многу граѓани треба да си ја носи својата одговорност, рече денеска премиерот Заев.

Инаку Верушевски во сведочењето за „Таргет-Тврдина“ на 23 септември освен дека документацијата доживеала страотни модификации по неговото лишување од слобода во 2015 година, не одговори дали директно ги добивал документите од Лазаревски и Костовски. Тврдеше дека бомбите доаѓале по разни канали во СДСМ, а тој лично заедно со лидерот на партијата Заев ги анализирале за потоа, како што потенцираше, „лидерството на партијата да ги користи за своите стратешки одлуки и политики.

Мери Ѓорѓиевска