Веројатно никогаш и нема да се дознае кои ќе бидат последиците врз здравјето на тетовчани

Веројатно никогаш и нема да се дознае кои ќе бидат последиците врз здравјето на тетовчани

Пожарот во Тетово е „капка која ја прели чашата“. Градот кој изминативе години е светски шампион по загаденост на воздухот, сега се соочува со нова и многу поопасна еколошка катастрофа. Огнените јазици кој ја зафатија фабриката стопија десетици тони хемикалии а државата нема начин како да ја измери загаденоста на воздухот почвата и водата. Министерката за живтна средина признава дека последиците ќе бидат огромни и тетовчани ќе се соочат со висока загаденост.

„Тоа е склад со бои и лакови и тоа се органски материи. Автоматскиот мониторинг на државата мери неоргански испарливи материи. Во случајов во државата нема акредитирана метода со која се мери испарување на органски загадувачи”вели Шукова.

Шукова итно побара општината да провери дали складот работел согласно предвидените мерки.

„Ваквите компании не потпаѓаат на системот на интегрирани дозволи, ниту на А ниту на Б ниво, но врз основа на доставен елаборат за којшто општината треба да даде дозвола . Сега треба општината да провери дали овој склад работел со предвидени мерки особено противпожарни мерки и дали има елаборат за заштита на животната средина. Ние не сме истражен орган ние тоа секако нема да го проверуваме но мислам дека општината треба да провери“ потенцира Шукова.

Дека состојбата во тетовскиот регион е алармантна по здравјето на граѓаните предупредија и докторите. Професорот Кочубовски за Алфа кажа дека последиците од пожарот допрва ќе се видат. А за моменталната ситуација, најизложени на ризик се малите деца, бремените жени и хронично болните.

“Пожарот испушта гасови и честички.Во зависност од тоа што гори, во случајов бои и хемикалии.При горењето се ослободува јаглерод моноксид при несоодветно согорување, секако ЦО2 ако има хлор…може да бидат и други супстанци.Опасноста понатаму ќе биде од почвата и тоа треба да се испита” изјави докторот Михаил Кочубовски.

И екологистите се кренаа на нозе. Тие ги повикаа надлежните да спроведат строги контроли и да проверат дали се почитувани сите безбедносни мерки кои се предвидени за компаниите кои работат со високо запалливи опасни материи. Велат дека ова не е прв пат да избие ваков пожар, а сметаат и дека последиците од ослободените штетни материи во воздухот ќе имаат големо влијание врз здравјето на луѓето.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста