Венко Филипче изгледа замина во „медиумска самоизолација“, дали власта има стратегија за епидемијата која стихијно не коси?
Каде е министерот Венко Филипче? Откако во првите месеци од епидемијата, кога бројките беа неспоредливи пониски од тие денеска, граѓаните секојдневно беа залепени за ТВ екраните и на интернет порталите следејќи ги неговите прес конференции, за сега да го нема никаде. Освен по некоја изјава за медиум, неговите настапи станаа реткост. Последната прес конференција ја одржа на 7 јули, пред цели 23 дена.
Граѓаните реагираат преку социјалните мрежи – прашуваат дали надлежните имаат стратегија за во иднина? Гневни се на министерот кој и натаму преку профилот на Фејсбук уверува оти состојбата била под контрола. Му порачаа да прошета низ туристичките центри и да види дали се почитуваат мерките.
Дека надлежните треба итно да соопштат како планираат да се борат со вирусот бараат и експертите. Доктор Никола Пановски не се сомнева дека стратегија има, но вели и граѓаните треба да бидат информирани.
„Мислам дека на јавноста и треба повеќе, да знае што не очекува, кои се предвидувањата. Очекувам да дадат неколку сценарија, што би се случило кога луѓето ќе се приберат во своите домови каде што нема да можат да држат таква дистанца, ќе работат претпријатијата, училиштата можеби ќе се отворат… Која би била стратегијата, во кои услови би се носеле повторно рестриктивни мерки, полициски час, колку тоа зависи од граѓаните. На некој начин да се направи договор со народот што не очекува“, вели доктор Никола Пановски.
Според него, проблемите ќе ескалираат на есен, со појавата на сезонскиот грип. Тогаш вели бројот на пациентите со симптоми слични на ковид ќе ги преплават ординациите на матичните доктори, а здравствениот систем не ќе може да го издржи ударот.
„Се надевам ако граѓаните ги почитуваат мерките на заштита ќе нема многу настинки и грипови. Ако има како што има секоја година, ако има како што имаше лани грип и настинки сметајте дека ќе има по 5000 до 6000 луѓе дневно што ќе се јавуваат на телефон кај матичните дека имаат симптоми температура, болки во грлото, малаксаност, а можеби не се од ковид, од други болести, кој систем ќе може тие да ги истестира“, вели доктор Никола Пановски.
Во меѓувреме, Министерството за здравство најави изградба на 16 нови монтажни болници низ земјава, но досега направени се само две. Последната беше поставена веднаш до Клиниката за пулмологија, а се градела 14 дена. Ако за секоја ваква болница бидат потребни најмалку две недели да се постави, тогаш сите 16 би биле завршени на пролет.
Биљана Божиновска