Велигден во вонредна состојба – полицискиот час го прекршиле 77 лица

Скопје под полициски час – празни улици, засилени полициски контроли и по некој минувач кој брза да ги заврши работните обврски. Работниците со дозволи за движење уредно се пријавуваат на полициските пунктови. Маркетите и рестораните регистрирани за достава на храна, со своите возила итаат низ улиците за да ги однесат нарачките до домовите на граѓаните. И по некој такси превозник, кој добил дозвола од институциите за да им се најде на оние кои ќе имаат потреба од транспорт до болница.
Парковите празни – се слуша само ветрот и звукот на птиците.

„Скопје ги живее 85-те часа карантин. Тоа значи дека граѓаните до вторник наутро не смеат да ги напуштаат своите домови. Празни се градските паркови, а забрана за движење има и за излетничките места. Оние кои ќе го прекршат полицискиот час ќе треба да платат високи парични казни“.

Од МВР велат дека изминатото деноноќие, на ниво на цела држава полицискиот час го прекршиле 77 лица.

„Приведени се 46 лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки. За изминатото деноноќие на 219 лица им се издадени решенија за изолација, а 84 лица потпишале изјави за самоизолација“, информираат од МВР.

Ова е најдолгиот полициски час од прогласувањето на вонредната состојба поради корона кризата, а ќе трае до вторник наутро. Од полицискиот час се изземени лицата со попреченост, кои ќе можат да излезат со придружба, но ќе треба со себе да носат медицинска документација. Зејмоделците ќе можат да ги вршат работните обврски, но само во атарите на селата каде живеат.

Дозвола има и за шетање на домашни миленици и тоа три пати во денот, од 8 до 8.30 наутро, попладне од 15 до 15.30 и навечер од 20 до 20.30 часот и тоа само во радиус од 100 метри од местото на живеење.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста