Васка Мојсовска повторно избрана за претседателка на Националната федерација на фармери

Лобираме за сите земјоделци и ќе продолжиме да го правиме тоа, е една од пораките на денешното Генерално собрание на Националната федерација на фармери(НФФ). Во својот работен дел делегатите на собранието на Националната федерација на фармери го избраа управниот одбор на организацијата, кој ја назначи Васка Мојсовска за повотрно да биде претседателка на Федерацијата.

Мојсовско во своето обраќање потенцира дека помина една од најтешките години за нас земјоделците. Штетите од корона кризата беа огромни. „Настанаа големи пазарни нарушувања, се соочивме со проблеми при откупот на зелката, јагнето, винското грозје, тутунот. Оваа година тоа не смее да ни се случи. Но, и натаму сме исправени пред голем број предизвици. Пласманот и ниските откупни цени се уште се проблем број еден, проблеми ни предизвикуваат и климатските промени кои го отежнуваат производството на храна, во некои региони се уште не е решено водоснабдувањето, продолжува и неуморната борба со големите откупувачки центри во повеќето земјоделски гранки“ потенцира Мојсовска на Генералното собрание на Националната Федерација на фармери (НФФ) што се одржа денеска онлајн. ННФ апелира откупувачите навреме да склучуваат договори со производителите и согласно Законот за земјоделство до крајот на март да ги пријавуваат количините што планираат да ги откупат. Од надлежните, пак, бара навремена исплата на субвенциите и на поддршката од Програмата за рурален развој, како и ставање акцент, пред се, на регистрираните земјоделци кои се столб на македонското земјоделство и исплата на предвидените 20 проценти за нив во најбрз можен рок. „Изморени сме од проблемите и предизвиците со кои се соочуваме.  На почетокот на годината се соочивме со ниски температури и пролетни мразеви кои во некои региони предизвикаа стопроцентно измрзнување на овошните и лозовите насади, а меѓу најпогодените беа Тиквешкиот и Радовшкиот Регион“, вели Мојсовска.

Заради Ковид-кризата,собранието  се оддржа онлајн, преку апликацијата Zoom. Во свечениот дел со поздравни говори се обратија Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, Аннели Лејна, директорка на регионот Европа на Шведската организација за развој  We Effect и Аријанит Хоџа, министер за земјоделство шумарство и водостопанство. Анели Леина истакна дека соработкта на We Effect продолжува за РСМ така што зборуваше за новиот проект што започнува сега во Северна Македонија со сите тројца партнери (НФФ, МРР и НРЦ) во земјата, фокусиран на развој на пазарниот систем (МСД).

„Сите се стремиме да осигуриме дека системите на пазарот функционираат поефикасно, одржливо и поволно за земјоделците од малите заедници и маргинализираните заедници, градејќи ги нивните капацитети и нудејќи им можност за поголем приход, добра и услуги“, потенцира  Анели.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа уште еднаш повтори дека земјоделството е клучен сектор во македонската економија и многу значаен работодавач, посебно во руралните средини. Интенција на Владата е, порача Хоџа, зголемување на производството и квалитетот, создавање конкурентни продукти со повисока додадена вредност кои ќе бидат извозно ориентирани.  КОВИД-кризата, подвлече Хоџа, покажа дека земјоделството и производството на храна се основа за опстанок.

На Генералното собрание на НФФ беа презентирани резултатите од  проектот „Институционална поддршка на НФФ“, поддржан од Шведската организација за развој We Effect, од страна на менаџерот на проектот во НФФ, Билјана Петровска – Митревска.