Варошлија сведочеше во „Рекет“: Светски познати дизајнери му подарувале гардероба на Боки 13

Дали светските брендови го користеле Боки 13 за промоција? Неговиот близок пријател и поранешен водител во 1ТВ, Сергеј Варошлија, тврди дека Бојан Јовановски не купувал се, дел од скапата брендирана гардероба ја добивал на подарок од светски познати дизајнери. Обвинителката Вилма Рускоска го праша сведокот, дали знае дека Обвинителството има докази од фискални сметки дека Јовановски купувал скапи брендови, на што тој врати дека не тврди дека му било се подарено.

-Деталите ги оставам за во суд. Голем дел од таа гардероба не е стекната туку така, со години. И голем дел од таа гардероба е дефинитивно поклонувана, изјави Варошлија.

Одговарајќи на прашања на одбраната, Варошлија го опиша и моментот на апсењето на Јовановски, на граничниот премиер Богородица, кога требало да патуваат заедно на одмор. Кажа дека на куп им биле спакувани работите во пет заеднички куфери, велејќи дека не било се од запленетата гардероба во сопственост на обвинетиот. Варошлија кажа и дека намерата на Боки 13 не била да избега од државата на 15 јули.

-Одговорно тврдам и пред сите вас и пред целата јавност дека Бојан немаше апсолутно никаква намера да избега од државата. Мислам со пет луѓе во кола, со авионски карти, со повратни билети, со резервирано сместување, со повратни карти. Тие документи постојат, така да тоа покажува дека навистина тргнавме да одиме на одмор, одговори Варошлија.

Покрај Варошлија, во судот денеска сведочеа и Александар Котов и Марија Јанковска. Котов е сопственик на галеријата од каде се уметничките слики кои беа запленети од домот на Јовановски. Тој вели дека тие не биле купени од страна на Боки 13, туку му биле дадени на реверс, со цел понатаму да бидат продадени на аукции преку 1ТВ. Јанковска пак зборуваше за неколку патувања низ Европа со Јовановски, за кои кажа дека самата си ги платила.

Инаку, одбраната повлече тројца од предложените сведоци. Пред судот нема да сведочат Јовче Ременски, Владимир Тодоровиќ и Дејан Панделески.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста