Вардариште се полни со отпад, ама нема да биде депонија, туку претоварна станица

Власта не ја расчисти депонијата кај Вардариште. Наместо тоа, скопскиот градоначалник ги убедува новинарите дека се работело не за депонија туку за привремена станица за ѓубре. Ама болката останува иста, депонијата или станицата сеедно- се наоѓа среде скопско Маџари, каде живеат луѓе и се трујат и гушат секојдневно. Дотолку повеќе Шилегов нема намера да направи парк или зелени површини туку Вардариште стана трајно- привремена претоварна станица за ѓубре.
Пред само десетина дена од Град Скопје соопштија дека ќе има целосно расчистување на двете привремени локации во градот кои ги користеле за складирање на отпад Вардариште и онаа во Карпош.

  • Вардариште како депонија не постои. На Вардариште постои претоварна станица. Претоварна станица бидејќи системот на собирање на ѓубре подразбира на неколку места во градот, каде што го собираат возилата, го истоварат и се товари во поголеми возила, 60 тонски камиони, за да се однесе во Дрисла – вели Шилегов.

Депонијата не е сама по себе единствен проблем. Туку и сиромашно население кое тука собира пластика и хартија, а не ретко и го палат сметот. Ама Шилегов и на ова имаше одговор: Наќе Чулев требало да ги апси. Го заборави ли својот правилник градоначалникот според кој градските инспектори се надлежни да лоцираат пиромани?

  • Градот Скопје за жал нема правен механизам со кој може да ограничува движења на определени категории, на било какви категории граѓани, тоа е работа сепак малку покомплексна, за самото физичко исклучување ако мислите обратете се на министерот Наќе Чулев да ви објасни зошто не го спречува тоа но, мислам дека е опшествен и комплексен проблем, станува збор за соцјално загрозени граѓани кои екзистенцијата ја обезбедуваат со така наречени неформални собирачи на ѓубре и од тука ги бараат средствата за ексистенција – изјави градоначалникот на Град Скопје.

За разлика од Вардариште, локацијата во Карпош, која исто така се користеше како привремена депонија, е исчистена до темел. Но околу неа, по кејот на реката Вардар никнуваат десетици купишта смет.
Дали ова се критериумите со кои Шилегов ќе конкурира за да го смести Скопје европските зелени престолнини?

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста