Вардар се излеа по неколку дена дожд, но поради врнежите или неажурноста на надлежните?

Поројните дождови го преполнија коритото на реката Вардар во центарот на Скопје. Купишта со ѓубре испливаа на виделина во центарот на градот, откако дождот значително ги зголеми водостоите на реките низ цела Македонија.

Во Скопје, Вардар се излеа во населбата Аеродром зад Фондот за пензиско, но и низ повеќе населби низ главниот град. Сликата беше алармантна.

Во доцните часови критично беше и во Долно Лисиче во скопско, каде можеше да се види како Вардар ги поплавила околните ниви. Ваква беше сликата овде.

Локалните жители се пожалија дека состојбата била без малку алармантна, зашто коритото на реката направило мали езера. Велат дека проблемот не бил само дождот, туку и неажурноста на градските власти, кои на време не ги чистеле речните корита.

  • Ова беше страшно. Вие не знаете како беше ноќта овде. Фала му на Бога што престана врнењево, инаку лошо ќе биде. Тука што било пред многу години, кога се под вода беше, од тука до кај пругата, катастрофа, но да се надеваме дека нема да врне и ќе биде добро, велат жителите од Долно Лисиче.

Од УХМР дека водостоите се натпросечни за овој дел од годината, но очекуваат со појавата на минусни температури деновиве нивоата брзо да опаѓаат.

  • Променливо облачно време со локални и послаби врнежи од дожд ќе преовладува денеска. На планините на север се најавуваат врнежи од снег.  Ќе дува умерен до засилен северен ветер, особено в долж Повардарието, кој ќе се задржи и во следните денови, информира Управата за хидрометеоролшки работи.

Од утре попладне и в четврток ќе има локални врнежи кои речиси насекаде ќе бидат од снег. В петок и за време на викендот ќе биде многу студено, а температурата во поголем дел од земјава преку целиот ден ќе се задржи под нулата.

Од ЦУК пак смируваат дека состојбата ќе се стабилизирала, но не ја исклучуваат можноста да има излевања на Вардар, Струмица и Црна река. Илија Бојаровски за Алфа рече дека биле пријавени излевања на реки во неколку региони низ Македонија.

  • Како најкритични освен реката Вардар, беа и Треска, Лепенец, Пчиња, Крива, Црна, Радика, Сатеска и нивните притоки

Последните информации покажуваат високи водостои секаде, со тенденција за намалување. Вардар стагнира кај Јегуновце, а во Скопје бележи благо намалување. Во Велес порастот изнесува над 90 сантиметри, а на Црна Река кај Новаци 64. На реката Струмица кај Сушево и Ново Село е регистриран раст од 38 и 20 сантиметри.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста