Ванковска: Со најавата за консултативен референдум владата ја покажува слабоста

Мора да се спречи обидот за организирање консултативен референдум,  бидејќи за прашања во надлежност на законодавниот дом,Уставот не предвидува ваква можност, предупредува универзитетската професорка Билјана Ванковска. Според неа, не изненадува најавата за спроведување на ваков референдум, оти, јавното мислење оди во обратна од, за Владата, посакувана насока.

Според неа, ваквиот потег ја покажува слабоста на Владата, односно нивната недоверба во гласачкото тело.

Универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова, пак, не гледа логика во организирање на консултативен референдум, оти консултација, би требало да има пред ратификација на договорот со Грција, а во однос на изјаснување на ЕУ или НАТО, треба да се организира задолжителен референдум и тоа пред самиот влез, а не години наназад.

Карактерот на ваквиот референдум, според познавачите, отвара можност за манипулација, со тоа што одлуката не е обврзувачка, за разлика од задолжителниот.

Експертите потсетуваат дека и за ваков тип на референдум потребен е цензус, минимум 50% +1 од вкупниот број избирачи.

Сања Трајковска Ставров