Вакцините од Србија остануваат заглавени во македонските административни лавиринти
И по една недела откако Србија се сожали и ни понуди 8 илјади анти ковид вакцини – Македонија се уште нема абер кога ќе пристигнат првите дози на “Фајзер”. Се е сведено на “чекање” околу административните процедури за интервентниот увоз. И во оваа ситуација, ја одбивме понудената помош македонските лекари да се вакцинираат во Србија. Додека земјава чека за имунизација, Србија е четврта во Европа според стапката на имунизација.Но оптимизмот на српскиот претседател Вучиќ води кон тоа дека за три дена Србија ќе биде на второто место во ЕУ. А на шесто во светот.
“Само Велика Британија, Малта и Данска се пред нас во овој момент. Верувам дека за 48, односно 72 часа, ќе бидеме втори. Верувам дека можеме да бидеме 6-ти во светот, сега сме 9-ти.” – вели Александар Вучиќ,претседател на Србија.
Освен што земјава се уште не ги добила првите дози од Србија, се поизвесно станува дека Македонија ќе извиси и од КОВАКС механизмот. За нефункционалноста на овој систем предупредија од Европската комисија но и самиот српскиот претседател.
“Србија досега преку програмата КОВАКС не добила ниту една вакцина, како и сите земји во регионот. Ние, добивме 0 вакцини, претпоставувам дека ќе добиеме нешто еден ден. Но, ние и без програмата КОВАКС обезбедивме 1.500.000 вакцини и ќе обезбедиме повеќе.” – нагласи српскиот претседател.
Србите масовно се вaкцинираат, досега речиси 200.000 луѓе се имунизирани.
Во меѓувреме,загрижува тоа што британската мутација на Ковид19 и се приближува на Македонија. Патничка од Лондон го донесе новиот вид на коронавирус во Белград. Српските власти стравуваат.
“Мутацијата на коронавирусот ја донела патничка од Лондон, која имала негативен ПЦР тест, но и лесни симптоми. Нејзиниот сопруг имал потешки симптоми.Ги следевме сите контакти, ги изолиравме и денеска можеме со надеж да кажеме дека ќе го спречиме, ако тоа ни се случи, ќе ни биде пекол.” – кажа Вучиќ.
Оваа мутација на вирусот засега не е откриена во Македонија.Инаку, во знак на револт дека во Македонија се уште нема вакцини – УМС на ВМРО-ДПМНЕ денеска преку герила акција однесе импровизирани фрижидери пред владата на кои пишува КОВИД-19.
Ања Василева