Пандемијата се шири, вакцини нема – граѓаните прашуваат зошто се доцни со дирекните набавки?

Вакцини од Грција, Бугарија, Србија – најави и ветувања без реализација. Со месеци граѓаните се изнаслушаа празни ветувања од кого се Македонија ќе добиела донации со вакцини и преку кои механизми ќе се стигне до анти ковид вакцината. Но додека светот масовно се имунизира, во земјава нема ниту една доза – нема за лекарите, ниту за хронично болните.

За ковид вакцините министерот за здравство зборуваше уште во Октомври, кога најави дека првите донирани вакцини ќе стигнеле како помош од Грција и Бугарија. Тамошното население почна да се вакцинира пред Новата година, а Македонија извиси. Надлежните се правдаа дека соседите добиле помалку од што очекувале.

Главната надеж и натаму е Ковакс механизмот, како дел од Светската здравствена организација. Но, преку овој систем првите дози од вакцината би стигнале дури следниот месец. Колку од вкупно нарачаните 833.000 дози ќе испрати Ковакс за Македонија за сега не е познато.

Очајни за вакцина, државниот врв помош барал од српските власти. Оттаму се сожалија и најавија 8000 дози од вакцината на Фајзер, но административните процедури за регистрација на вакцината не биле подготвени, па и тие не стигнаа. А беа наменети за здравствените работници од ковид центрите.

Вчера министерот за здравство Филипче, објави оти спас ќе се бара кај кинеските производители. Се разговарало за набавка на 200.000 дози, а деталите ќе биле познати до крајот на неделата. Најавите на Филипче предизвикаа револт кај граѓаните. Прашуваат зошто до сега се чекало за да се контактираат кинеските производители, кога веќе половина година светот зборува за набавка на вакцини?

„Една година имаме пандемија, половина година се зборува за вакцини, а вие допрва ќе разгледувате. Додека да се решите, сите ќе се разболиме“.

„Дојде Февруари една вакцина немате донесено“.

„Додека се чекаат вакцините, корисно и доста ефикасно е да направите термин со распоред за вакцинација, со пријавување на веб апликација“.

„Велика Британија вакцинираше 6,5 милиони. Ние до каде сме?!“, реагираат граѓаните преку социјалните мрежи.

Владата вчера го усвои Националниот план за вакцинација против Ковид 19. Велат подготвена била логистичката поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините, а за имунизација ќе се користела инфраструктура и кадар од постојните вакцинални пунктови. По потреба велат, ќе се отвореле и нови.

Во меѓувреме, Македонија ги доби двата фрижидери за складирање на фајзеровите вакцини. Тие се сместени во Поликлиниката Бит пазар, но се уште стојат празни.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста