Вакциналниот пункт во Прилеп ќе профункцинира за пет дена, денеска само симулација

Ова не е почеток на масовната имунизација на прилепчани, туку само симулација на имунизацијата, која пак, реално ќе треба да започне дури по пет дена. Додека светот, но и соседните земји, се стекнуваат со колективен имунитет, благодарение на двете примени дози од вакцините, во градот, кој за цело време на пандемијата беше македонскиот Вухан, допрва се случуваат симулации.

 „Нашите очекувања се дека на дневно ниво ќе се вакцинираат околу 1000 граѓани. Во таа насока денеска бевме сведоци и на симулација на процесот на вакцинација во Спортската сала која се спроведе со цел финална подготовка на стручните медицински тимови и другите помошни служби“ – рече градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

 „Пунктот е подготвен од секој аспект и очекувам дека ќе има зголемен интерес од страна на граѓаните и покрај тоа што беше имунизација во соседните градови Битола и Кавадарци….Се е подготвено, освен вакцините, кои согласно протоколот ќе стигнат во понеделник за да можат да бидат правилно чувани и да бидат поставени на граѓаните“ – објасни директорката на Болницата, Кети Смилеска.

    Прилепчани беа лути што задоцни отворањето на Вакциналниот пункт во Прилеп и што мораа досега да се имунизираат во соседните градови.

   „Прилеп отсекогаш е Прилеп и дека има поголеми специјалисти од Битола, само што е работава – не знам. Дали е некоја политика, а прилепчани нема да одат во други градови дури не дојдат во Прилеп. Еве, прва јас кажувам за мене – дури не дојди вакцината во Прилеп, не се вакцинирам“, – ни рече една прилепчанка.

    Инаку, и од ЛС и од Болницата демантираат дека Вакциналниот пункт во Прилеп требало да биде отворен уште на 15-ти месецов и тврдат дека немало никакво доцнење, туку се било во склад и координација со препораките од Миниостерството за здравство.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста