Вакцинацијата почнува во среда, први на список се здравствените работници од Ковид центрите

Над 200 здравствени работници во среда ќе ја примат првата доза од вакцината на Фајзер, која вчера стигна како донација од Србија. Првиот ден од имунизацијата, пунктот во модуларната болница ќе работи десет часа, а прво ќе се вакцинира медицинскиот персонал од Инфективна клиника во Скопје. Од Министерството за здравство информираат дека првиот ден термините ќе бидат закажани на секои 15 минути, ќе се вакцинира на шест вакцинални позиции, меѓусебно одделени со паравани. Од здравство велат дека во среда интензитетот на вакцинирање ќе биде помал од другите денови, поради интересот на медиумите да присуствуваат на настанот. Следните денови, пунктот ќе работи во две смени, а термините ќе бидат закажувани на секои десет минути. Во модуларната болница денеска се правеа последните подготовки за стартот на вакцинацијата.

Од Министерството за здравство информираат дека вакцинацијата ќе ја вршат тимови, доктор и медицинска сестра од Здравствениот дом во Скопје. Откако ќе ја примат првата доза од вакцината здравствените работници ќе треба да почекаат во посебно определен дел со цел да се следи дали би имале некакви несакани реакции од вакцината.

„До ковид центрите низ државата се испраќаат списоци каде се наведени имиња на здравствените работници кои сакаат да се вакцинираат, точен час и ден кога треба да дојдат и да ја примат вакцината во модуларната болница, а ковид центрите треба повратно да ги потврдат листите“, велат од Министерството за здравство.

Од здравство информираат дека со оваа пратка од фајзеровите вакцини имунизацијата ќе се врши само во модуларната болница. Вкупно 2300 здравствени работници ќе добијат прва доза од вакцината во следните денови, а со примање на првата доза веднаш ќе се резервира уште една доза која пациентите ќе треба да ја примат после две недели.

Досега за вакцинација пријавени биле 4000 здравствени работници од Ковид центрите.

Првите 4680 дози од вакцината на Фајзер и Бионтек кои вчера стигнаа во земјава, се складирани во специјални фрижидери на Институтот за трансфузиологија. Кога ќе дојде останатата пратка со 3300 дози, не одговорија ниту македонските, ниту српските власти.

Премиерот Зоран Заев, пак најави дека 200.000 вакцини нарачани директно од кинескиот производител Синофарм треба да стигнат до крајот на месецов.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста