Вадењето на разни дозволи за фирмите е двојно поскапо отколку плаќањето на даноци

Вадењето на разни дозволи, сертификати, лиценци и одобренија ги чинат фирмите двојно повеќе отколку плаќањето на даноците. Цените на ваквите т.н. парафискални давачки почнува од 50 денари, а достигнува 18 милиони денари. Тоа ги чини фирмите не само пари, туку и време затоа што за дури 86% од нив, барањата морале да се поднесат во хартиена, а не во електронска форма.

„Првата препорака е да постои еден унифициран регистар на парафискални давачки кој што ќе ги опфати сите парафискални давачки и на локално и на централно ниво. Меѓутоа исто така ќе биде доволно богат со информации за цена, од аспект на сектор, од аспект на намена. А притоа да може да се направи бришење или спојување на оние давачки кои се слични или не се потребни или ги оптоваруваат компаниите“ – вели Благица Петрески од Институтот за економски истражувања Finance Think.

Дури 65% од анкетираните фирми сметаат дека начинот на кој се формираат цените за овие давачки не е ниту транспарентен, ниту објективен. Од Сојузот на стопански комори велат дека компаниите најмногу се жалат на трошоците за двојно плаќање на потврда за здравствен преглед на вработени, надоместот за одржување на фискалните каси, но и за износот на фирмарината кој е ист и за малите и за големите претпријатија.

Министерството за земјоделство има најголем број на вакви давачки. Следи министерството за животна средина и Државниот завод за индустриска сопственост. Бизнисмените бараат намалување на бројот и цената за вадење на овие документи. Парафискалните давачки кои се плаќаат кон државните институции во просек се 10 пати поскапи од оние кои им се плаќаат на општините.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста