Утре завршува комисиската расправа за буџетот за 2022, амандманите ќе се разгледуваат од сабота

Автобуската несреќа во Бугарија ја одложи и расправата за буџетот за следната година. Собраниската Комисија за финансирање и буџет утре ќе го одржи последниот ден од општата расправа за Буџетот за 2022, а во сабота ќе ја почне амандманската расправа која се очекува да заврши кон средината на следната недела. За предлог-буџетот од ВМРО-ДПМНЕ има поднесено 220 амандмани.

Веќе кон крајот на следната недела, текстот со буџетот треба да оди во Влада која треба да ги вгради прифатените амандмани. Откако ќе биде вратен во Собрание, дополнетиот Предлог-буџет оди на пленарна седница, а таму расравата трае 5 дена.

Иако по неуспешниот обид за гласање недоверба на Владата, земјата се наоѓа во политичка криза и има преговори за зголемување на бројот на пратениците во парламентарното мнозинство, сите пратенички групи во Парламентот се согласни дека тој треба да се донесе пред крајот на годината. Дури и најавите за формирање на нова Влада, нема да го променат ставот дека Буџетот треба да се донесе.

Од ВМРО-ДПМНЕ уште на првиот ден од расправата оценија дека тој е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци, но и дека ќе следи ребаланс во првиот квартал. Од СДСМ пак, апелираа на конструктивност и побараа буџетот да се донесе низ аргументирана дебата и без опструкции. Порачаа дека Буџетот е креиран врз основа на очекуваните економски придвижувања и има развојна компонента.

Инаку, буџетот за наредната година ќе тежи 4,4 милијарди евра, и до сега е историски најтежок кој предвидува повеќе пари безмалку за се.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста