Утре се отвораат кафеаните, но до 20 часот

Граѓаните со поделени размислувања за укинувањето на полицискиот час. Добар дел од нив, главно повозрасните ја поздравуваат владината одлука за крај на карантинот, но има и такви кои сметаат дека овој чекор бил избрзан. Периодот од два и пол месеца бил повеќе од доволен за да се сменат дел од животните навики, но и да се стекнат нови, велат граѓаните, и додаваат дека ќе ги почитуваат мерките за заштита.
– Мислам дека е добро, фала богу редно време беше. Препораките ќе ги почитуваме, секако. Мислам дека сепак е избрзана одлуката, требаше уште малку време ради наша заштита, велаг скопјани пред камерата на Алфа.
И во пресрет на укинувањето на полицискиот час, веќе од утре, почнуваат со работа кафулињата и рестораните, но само летните тераси. Полека се подготвуваат локалите, се чистат, се модернизираат.
Работата во затворениот дел, според препораките, допрва ќе се уредува. Подготовките привршуваат, а менаџерите се спремни за отворање на вратите.
Се огласи и министерот за економија. Рече дека работното време на угостителски објекти ќе биде до 20 часот.
– Нема ограничувања дека тие треба да бидат од исто семејство. Задолжително ќе биде да има растојание меѓу масите. Доколку локалите се придржуваат до препораките, ќе бидат отворени и затворените објекти, кажа Бектеши.
Владата вчера донесе одлука за повторно отворање на кафулињата, рестораните и кафеаните, во рамките на последната фаза од олеснувањето на коронамерките.
Според Комисијата за заразни болести, на една маса ќе можат да седат најмногу четири лица. Сепак, останува не јасно од кога ќе се отворат затворените базени , но и фитнес клубовите.
Борис Грујоски