Утре се одложуваат изборите- лидерите на партиите на лидерска кај Пендаровски

Изборите нема да се одржат на 12 април- одлука за нивно одложување ќе се донесе утре на лидерска средба кај претседателот на Македонија, Стево Пендаровски. Од кабинетот на шефот на државата потврдија дека тој ќе биде домаќин на лидерите на парламентарните партии. Лидерската средба за одложување на изборите ја побара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој вели во моментов е потребно одговорно однесување кон граѓаните и државата, а борба за власт по цена на живот е неприфатлива.

-Јас во овие моменти го одбирам без трошка колебање интересот на  државата и граѓаните, затоа денес утрово побарав свикување на лидерска средба кај претседателот Пендаровски, со точка на дневен ред разговор- одложување на предвремените парламентарни избори, со цел заштита на граѓаните. Потребно е одговорно однесување кон граѓаните и државата, нема ниту една разумна, ниту една човечка, рационална и прагматична причина тие да не се одложат, бидејќи за мене, а верувам и на останатите борба за власт по цена на животот на граѓаните е неприфатливо, изјави Мицкоски.

Согласност за одложување на изборите даде и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој вели- здравјето и безбедноста на граѓаните немаат и никогаш нема да имаат цена.

-Во вакви услови повеќе од јасно е дека условите не дозволуваат нормално спроведување на изборите. Наместо во организација на изборите сега е време секој еден ресурс и човечки и институционален да се стави во функција на заштита на граѓаните и борба со вирусот, изјави Заев.

И Али Ахмети, лидерот на ДУИ, владејачката партија од албанскиот блок се согласува да се одложат изборите.

-Изборите и кампањата се последни во агендата на нашите приоритети, затоа што сите наши човечки, интелектуални и институционални капацитети ги ставивме на располагање на победа во заедничката борба против вирусот. Сега треба да го победиме вирусот, а не победа на изборите. Со изборите и кампањата ќе се занимаваме откако ќе ја победиме ова закана кон сите нас и ве уверувам дека заедно ќе извојуваме победа, изјави Ахмети.

Индиректен повик за одложување на изборите веќе испратија и од Државната изборна комисија. Покрај лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса, Алтернатива и Алијанса на Албанците, на лидерската средба утре ќе присуствуваат собранискиот спикер, Талат Џафери и техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Матеја Петровски

Advertisements