Утре почнува вакцинацијата против Ковид-19, досега за имунизација пријавени се над 50.000 лица

Во 10 часот наутро ќе бидат истрошени првите дози од долгонајавуваната течност што значи имунитет на вирусот.

Се прават последните подготовки за започнување на вакцинацијата за Ковид. Во модуларната болница има шест вакцинални пунктови во коишто истовремено ќе можат шесторица да ja примат анти ковид вакцината. Први ќе бидат вакцинирани здравствените работници од Инфективната клиника.

Фајзеровите вакцини се разликуваат од останатите особено за начинот на нивно чување и нивно примање. Медицинските работници од здравствениот дом Скопје, кои ќе ја ставаат вакцината се подготвени и задоволни од досегашните  обуки. Сестра Маријана Којчева која 38 години работи со вакцинација апелира граѓаните да не се плашат и да се вакцинираат.

“Се е организирано, направени се екипите кои ќе вакцинираат.Ќе вакцинираме во две смени по две екипи и доктори и сестри.Има закажано термини на одредено време што ќе доаѓаат за вакцинирање.” – вели Мaријана Којчева – медицинска сестра од Здравствен дом Скопје.

Помпезно пречеканите 4.680 вакцини се сместени во просторија која е под посебни протоколи на Инситутот за трансфузиологија. Од таму уверуваат дека не може да се случи прекин на студениот ланец.

Вакцините се чуваат на – 60 до – 80 степени, моментално се во два фрижидера. Едниот е со капацитет до 100 илјади вакцини, другиот до 60 илјади.Ладниот ланец на фрижидерите не е прекинат, и да снема имаме агрегат.”  – вели Елица Јовановска – Ѓорѓиевски, медицински лаборант на Институтот за Трансфузиологија.

Вакцините од производителот „Фајзер“, сега се ладат во фрижидерите на Трансфузиологија од каде утре преку ладен ланец ќе се пренесат во модуларната болница.

Се привршуваат подготовките и во останатите вакцинални пунктови. Поликлиниката „Јане Сандански“ е една од трите локации во Скопје, покрај „Букурешт“ и „Чаир“ каде што ќе се врши вакцинација за Ковид. И овде има фрижидери, но за да почнат со работа треба да се наполнат со вакцините, што ги чекаме од Кина.  

“Овде кај нас ќе се вакцинира со кинеската вакцина.Тоа е вакцина што се чува на полесен начин, на температура од 2 до 8 степени.” изјави д-р Боре Радевски раководител на поликлиниката „Јане Сандански“.

Досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2000 се во градот Скопје. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина, веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација. Инаку, до денеска, вкупно пријавени за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk се 50.200 лица.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста