Утре ќе се одлучува за нови мерки, карантин не е опција, иако Македонија е шеста земја по смртност од корона во Европа

Комисијата за заразни болести на утрешниот состанок ќе решава за воведување порестриктивни за заштита од корона вирусот. Како опција ќе се разгледува намалување на работното време на угостителските објекти, во пресрет на новогодишните празници, но не карантин и полициски час. Министерот за здравство, Филипче, истакна дека овие две мерки нема да дадат резултати и подобрување на епидемиолошката состојба во земјава во претстојниот период.

Во исчекување на конкретни мерки, Ковид пандемијата урива црни рекорди а бројките на новозаразени и починати се страотни. 28 годишно момче од Скопје е најмладиот починат пациент во вчерашната ковид статистика во која беа регистрирани 46 починати за само едно деноноќие.

Процентот на позитивни од тестирани лица останува висок. Вчерашниот изнесуваше 34,2 отсто, односно, од 1470 тестови беа регистрирани 504 нови случаи.

Со најновите 46 починати, Македонија бележи 2023 пациенти кои ја изгубиле битката со корона вирусот. Со овие бројки земјава се најде на неславното шесто место во Европа по смртност, со алармантни 971 мртов на еден милион жители. Пред нас се Шпанија, Андора, Италија, Сан Марино и Белгија, а во светски рамки. Пред нас на оваа табела се наоѓа и Перу со 1097 мртви на еден милион жители.

Во изминатото деноноќие во ковид центрите во Скопје беа примени 42 нови пациенти поради компликации од вирусот. Вкупно 499 лица сомнителни и потврдени на Ковид 19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, голем дел од нив се на кислородна поддршка. 

Од Министерството за здравство велат дека и покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 30тина слободни места, а се очекува во тек на денот, со исписите на оздравените, да се ослободат дополнителни места на Инфективната клиника и во ГОБ „8 септември“.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста