Утре изутрина се отвораат вратите на градинките, родителите со нови проблеми

Нови проблеми за родителите на деца од предучилишна возраст. Вчера вечер добиле вонредно известување оти во ранчињата на децата кои утре треба да тргнат во градинка, освен облека и топлинки, задолжително да стават и заштитни маски. Ова го вклучува алармот, зошто надлежните во последен миг се премислија па бараат маските да се задолжителен дел од опремата која дечињата ќе ја носат во градинка? Неофицијално, станувало збор за превентива – дечињата маската ќе носеле само доколку кренат температура додека се во градинка, до моментот кога ќе бидат изолирани од групата.

Мајка на близначиња, кои за прв пат ќе тргнат во градинка, се жали оти оваа година надлежните забраниле децата кои прв пат влегуваат во градинките да имаат период на адаптација. Ако до лани, родителот имаше право да ги остави само по неколку часа на ден, за да може полесно да се прилагодат на промената, годинава тоа не е дозволено. Сите деца ќе мора да седат во групата по 7 часа.

Во меѓувреме, власта е во трка со времето да се подготви за стартот на учебната година на 1 Октомври. Вчера министерот за здравство Филипче ја отфрли можноста децата од повисоките одделенија во скопските училишта да почнат настава со физичко присуство. Вели дури и да имало можност, Комисијата нема да го дозволи тоа.

Неизвесно е и како ќе почне наставата за средните училишта. Од Сојузот на средношколци преку протест побараа комбинирана настава онаму каде тоа го дозволува епидемиолошката состојба. Здравствените власти се уште калкулираат – одлука треба да се донесе до крајот на неделава. Доколку не се прифатат барањата на средношколците, тие најавија бојкот на онлајн наставата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста