Уставните судии молчеа за името, двојазичноста, ЈО- за платите експресно реагираа

Иницијативи со години се чуваат во фиока, но кога дојде на ред кратењето на нивните плати, уставните судии експресно отворија постапка. Долг период Уставниот суд не ги отвора иницијативите за оценка на уставноста промената на името на државата, двојазичноста во Македонија, а судиите повеќе од месец и пол во фиока ја чуваат и иницијатива за оценка на начинот на кој беше изгласан новиот закон за ЈО, каде првично ЗА гласаа 74 пратеници, а потоа контра деловник на Собранието гласањето беше повторено, па истиот беше изгласан со 80 гласа.

Универзитетскиот професор Димитар Апасиев кој често поднесува претсавки до Уставниот суд реагира дека личниот интерес на судиите ја победил принципиелноста. Според него Уставен работи по политички, а не по правни ноти.

-Има класичен судир на интереси, затоа што платите на уставните судии беа лично засегнати, инаку непринципиелноста на Уставниот суд провејува сите овие години наназад. Впрочем имате претставки кои што стојат неразгледани во фиока и по пет години, две години, три години зависно од политичката клима, вели Апасиев за Алфа.

Поради непостапувањето на судот, Апасиев најави и кривична пријава за саботажа против поранешниот претседател на Уставен, а можеби и против сегашниот.

-Последната наша неземена во работа претставка е онаа за Законот за двојазичност, кој е школски пример на неуставност, бидејќи го нема потребниот потпис од претседателот и дополнително беше иницирана итна постапка, две години стои тој закон во фиока. И сега ние планираме на друг начин да ги натераме уставните судии да го земат во работа, а тоа е со поднесување кривична пријава против поранешниот претседател на Уставниот суд, а ако продолжи игнорантскиот однос и против сегашниот претседател, вели Апасиев за Алфа.

Најголем дел од функционерите веќе најавија дека ќе го донираат износот кој ќе го добијат над минималната плата, а за разлика од нив од уставните судии се уште молк дали дел од парите ќе ги дадат во фондот за справување со Ковид 19.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста