Уставен ќе преиспитува владини уредби: Наместо минималец функционерите, судиите и обвинителите ќе земаат цела плата, СЈО останува без пари

Уставните судии не сакале од гладни да станат уште погладни, кажа денеска претседателот на Уставен, Сали Мурати, па одлучија наместо минимална да си земаат цела плата за време на корона кризата. Покрај нив, цела плата ќе добијат и сите државни и локални функционери, министри, директори, пратеници и други. А надоместоци и додатоци ќе си делат во јавниот сектор. За рзлика од нив, без пари ќе останат вработените во СЈО.

Уставниот суд одлучи да поведе постапка за испитување на законитоста на три владини уредби со законска сила донесени за време на вонредната состојба. Истовремено, донесе времена мерка за стопирање на овие уредби додека не се донесат нови одлуки.

Ова значи дека доколку во меѓувреме не се донесе нова одлука, избраните функционери , судиите и обвинителите, наместо минималната, ќе си ја земат целата плата. Од Уставниот суд не даваат временска рамка кога ќе донесат конечна одлука дали ќе ги поништат, укинат или ќе ги потврдат одлуките на владата. Во пракса, кога уставниот суд поведува постапка тоа вообичаено значи дека се носат одлуки за укинување или поништување, што пак не правило.

Мурати се пожали дека тие биле ставени на милост, а биле разумни луѓе. Вели и дека во услови кога Собранието не работи, тие биле единствените кои ја контролирале Владата, па имале зголемен интензитет на работа, поради што си ги заслужувале целите плати. Уставните судии предложија запирање на скратувањето на платите кај избраните и именуваните функционери, за тие да не тужеле.

За уставните судии не е ниту во ред во Министерството за транспорт и врски да стојат пари кои не се користат, за субвенции за летови на „Визер“, а на Инфективните клиникии да нема пари за опрема. Сметаат дека со уредба може да се земе од тие ставки и да ги префрли во Министерството за здравство.

Во уредбата за СЈО покрај платите, предвидено е и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да може јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во Специјалното јавно обвинителство, да може да ги прераспредели на работни места во други Обвинителства. Јовески за Алфа вели дека досега ниту еден вработен од таму не добил ново работно место, а дали им биле пуштени платите не знаеше.

Од Уставниот суд кажаа и дека уште 129 уредби на Владата се оспорени од страна Светскиот македонски конгрес. На одлуките реагираше и Владата, велат со поведената постапка директно се удира на солидорнасота во нашата земја, директно се спречувало обезбедување на околу 240 милиони евра во буџетот за мерки за справување со Ковид 19.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста