Уште не почнати, проблеми – одложена седницата за избор на Џафери

Тенкото владино мнозинство, уште не официјализирано, прави проблеми во работата на институциите. Седницата за избор на Џафери за повторен спикер во законодавниот дом не се одржа денеска, иако вчера и Ахмети потврди дека во текот на денешниот ден ќе се официјализира Џафери како прв меѓу еднаквите во Собранието. Седницата најверојатно ќе се одржи утре, доколку се смират превирањата во ДУИ.

Според шпекулациите во јавноста, скопското крило на интегративците е незадоволно од распределбата на кадри во владата од страна на лидерот Ахмети. Неофицијално двајца пратеници се противат на одлуката за повторни високи функции на Артан Груби и Бујар Османи и својот револт наводно го искажуваат со тоа што денеска не се појавиле да гласаат за Џафери како претседател на Собранието. Османи и Груби ниту ги потврдуваат, ниту ги демантираат овие информации.

Медиумите веќе пишуваат дека наводно Изет Меџити и Арбен Зибери,  не ни присуствувале на состанокот вчера со кој раководеше Ахмети.

Високи претставници на ДУИ и јавно реагираат за поделбата на ресорите.

Фатмир Лимани Беќири, функционер од ДУИ на Фејсбук реагира во врска со поделбата на ресорите во партијата и политичката моќ на Меџити.

Сабјата е во двата прста на Изет Меџити, кој треба да биде одлучувачки фактор кажувајќи им го местото на сите без разлика. Владата се гласа или паѓа со двата прста на Меџити“, напиша Лимани.

Без гласовите на Меџити и Зибери, Талат Џафери не може да биде избран за претседател на Собранието, затоа што Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, заедно со ДУИ и ДПА има вкупно 62 пратеници, а спикерот се избира со 61. А се уште не се знае ни бројот на пратеници кои застанале зад изборот на Џафери.

За проблемите со закажувањето на седницата заради тенкото мнозинство ,од СДСМ рекоа дека проблемот не бил во ДУИ, но немаа одговор зошто не се закажува седницата, иако се најавуваше уште синоќа.

Meри Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста