Уште колку еко “темпирани” бомби се кријат во Македонија?

Уште колку еко “темпирани”  бомби се кријат во Македонија? Прашање на кое одговор од надлежните нема. Какви токсични материи се уште се наоѓаат во фабриките, во колкава количина и до кога ќе бидат во близина на населени места, не се знае. Алфа се обиде да стапи во контакт со министерството за животна средина, како и со инспекторатот за животна средина на град Скопје, но од таму молчат.

По инцидентот завчера каде во близина на фабриката МЗТ истече хемикалија , јавноста се крена на нозе, зошто нема превентивни мерки за да се спречат ваквите инциденти односно хаварии. Зошто опасните места не се означени? Скопјани велат дека им се потребни  инспекции кои превентивно ќе делуваат, а не да се ангажираат само откако ќе избие проблем.

Од инспекторатот за животна средина велат дека немало истекување на солна киселина, туку капење на хлороводородна киселина, тоа го утврдиле откако извршиле вонреден инспекциски надзор во фирмата Макохемија“ АД Скопје од чија цистерна истекле хемикалиите.

Околу 19 часот дојдено е до капење хлороводородна киселина со концентрација од 30 до 32 отсто која била скаладирана во метален резервоар со капацитет од 50 тона. Во моментот на прокапувањето во резервоарот имало количина на залиха од 10 до 15 тони. Резервоарите каде се складира хлороводородна киселина имаат изградено танквана – непропустлив бетонски базен заради заштита, стои во денешното соопштение на Државен инспекторат за животна средина

Се уште нема одговор колкаво количество на хемикалија истече во скопска Гази Баба каде  50 тонска цистерна со дотрајани вентили предизвика непријатна миризба и печење на очите. Не се знае ни колку солна киселина се ослободила во воздухот. Она што е познато на јавноста е дека се знае сторителот и дека град Скопје ќе го тужи правниот субјект.

Уште е мистерија и колку тони контаминирана вода со метил акрилат истекоа во Охис и кога конечно ќе биде утврдена вината за кој е одговорен за хаваријата која надлежните ја нарекуваат само инцидент. Во поранешниот гигант Охис познати се само околу 20тина хемиски материи кои се се уште во фабриката, но не се знае бројката на хемикалии од непознат состав кои се кријат во внатрешноста на фабриката. Канцерогениот линдан распореден во две депонии во Охис уште не е изнесен од фабриката, како и винил хлоридод кој се чува во стара цитерна со примитивен начин на ладење.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста