Уште едно вето: Џабе сите отстапки, Македонија ќе си чека пред бриселските порти

И покрај сите отстапки досега направени, Македонија повторно остана без датум за старт на преговори со Европската унија. Сега на патот и официјално застана Бугарија, која го блокираше изгласувањето на преговарачката рамка за Македонија. Ова го потврди министерот за Европа на Германија, Михаел Рот, Тој изрази разочараност што земјава и Албанија нема да ги започнат преговорите сега.

-На мое огромно разочарување не постигнавме согласност за преговарачките рамки ниту за заклучоците на Советот за проширувањето, ова е горчлив удар за нашата политика кон западниот Балкан чија цел е да се поттикне стабилност и демократија на западниот Балкан, но ЕУ останува посветена да се постигне согласност во наредните денови, најдоцна за време на португалското претседателство, изјави Рот.

Блокадата ја потврди и потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, кој сепак изрази надеж дека во текот на португалското претседателство, Македонија ќе ги започне преговорите.

-За несреќа во овој момент тоа беше невозможно. Но, ќе продолжиме да работиме со германското претседателство, а потоа и со португалското претседателство. Целосно се согласувам со Михаел Рот, не е прашање дали, туку кога ќе се решат овие останати проблеми, изјави Шефчович.

Од Европската унија, пак еден вид утешителна порака кон Македонија. Како причина за недобивањето на датум, се потенцира само Бугарија, дека била против, додека сите други сакале процесот конечно да започне.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста