Уште една шлаканица од Софија : предлогот на Вархеји-Силва е неприфатлив
Цврстите бугарски позиции за интеграциите на Македонија остануваат непроменети. Пакетот со решение на еврокомесарот Оливер Вархеи и португалскиот прв дипломат Аугусто Сантош Силва не ги убеди бугарските челници да ги сменат ставовите за ветото врз Македонија. За официјална Софија останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се добијат потребните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство.
-Бугарија продолжува да ја поддржува европската интеграција на земјите од Западен Балкан врз основа на запазување на критериумите за индивидуален напредок на секоја држава и исполнување на фундаменталните вредности на областите како добрососедство. Отворени сме за одговорен, откриен и целосен дијалог со Македонија. Очекуваме од нашите најблиски соседи во регионот да работиме во дух на искреност и конструктивност. Сакам да нагласам дека за таа тема има целосен континуитет и не може да се очекува промена во националната позиција на Бугарија во однос на Македонија, изјави министерот Стоев.
Португалскиот министер од Софија пак порачува дека процесот на проширување бил еден од приоритетите на новото претседателство, ама многу важно им било во оваа ситуација да ги слушнат бугарските предлози и иницијативи. Еврокомесарот Вархеи кој го откри можното сценарио за одвојување на Македонија од Абанија од интеграциите на иста линија важни биле ставовите на Бугарија како водач во регионот.
-За двaтa процесa беше многу важно да ги слушнеме бугарските предлози, иницијативи и грижи. Ние тоа го правиме преку соодветни дипломатски и политички канали и веќе многу нешта се завршени. Затоа сега беше време да се остварат директни политички консултации со Бугарија и тие ќе бидат од големо значење за тековниот процес и многу важни за португалското претседателство , рече министерот Силва.
– Бугарија е водечка земја-членка во однос на развивањето на нашата политика за Западен Балкан. Затоа секогаш вреди да се доаѓа овде за да добиеме идеи и да се консултираме , порача Вархеи.
Македонскиот премиер Заев вчера пак зборувааше за можно решение во јуни, но ваквите позиции на Софија се само потврда на она што уште синоќа го изјавуваа тамошните политички претставници. Поранешната шефица на бугарската дипломатија Захариева по средбата со европските претставници им порача на властите во Македонија дека со позитивно мислење и без црн ПР, земјава ќе може да очекува напредок.
Силва и Вархеји од Софија попладнево ќе допатуваат во Скопје на средби со македонскиот политичкиот врв.
Инаку за потсетување Бугарија лани ги блокираше македонските интеграции со тврдење дека соседот кандидат за членство не ги исполнува обврските од меѓусебниот договор, најмногу поврзани со историјата, јазикот и идентитетот.
Ивана Соколовиќ Најдова