Уште еден Велигден за осудените за тероризам далеку од нивните најблиски

Уште еден Велигден без најмилите – на семејствата на осудените од 27 април тежок им е секој ден, а посебно празниците. Повеќе од четири години разделени од својот син, сопруг, татко – родендени, годишнини, празници, без столбот на семејството. Алфа ги посети семејствата на неколку од осудениците на високи затворски казни за случувањата во Собранието во април, 2017 година. Од разговорите со нивните блиски, може да се заклучи дека тие ниту ден денес не се помириле со вистината – дека нивните блиски кои ја сакале својата татковина се осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок. Еден од осудените е Вили Михајловски, кој издржува казна од 14 години затвор. На неговиот татко се уште му е тешко да се помири – како неговиот син, од најголем вљубеник во татковината бил прогласен за терорист.
Никогаш не сум ни помислил дека може да го судат за терорист, а не да биде терорист. Некој ако си ја сака државата, не може да биде терорист. Пет и пол години да му го земеш животот, зошто? За глупости. Што му текнало на некој ајде ќе ги насадиме(наместиме). И не само нему, и на другите – вели таткото на Вили Михајловски-Гајда, Милчо.
Претходно, срцето го отвори и сопругата на Игор Југ – Ивана. Проговори низ каква голгота минуваат таа и трите деца сите овие години без солбот на семејството. Вели, човек на се се навикнува, но болката не исчезнува, а истата е двојно поголема за празници. Игор го имаше првиот слободен викенд на почетокот на месецов, и за прв пат ја виде својата четиригодишна ќерка.
Болно, радосно, тешко. Родител да види прв пат на 4 ипол години, за него е уште поболно враќањето во самиот затвор. Најболно од се е што Катерина од скоро има втор родител. Катерина беше дете кое нашите закони не му дозволија да има втор родител, и да биде признаена. Држава која продава приказни за демократија, и права на сите, таа беше обесправена. Но по самото негово излегување, официјално беше признаена – вели Ивана Југ.
Ниту семејството на Јане Ченто и по четири години не може да се помири со исходот од исцрпните рочишта и како што велат сите нелогичности во судскиот процес за 27 април. Неговиот татко Коле, никогаш не можел ниту да помисли дека неговата љубов кон татковината ќе биде причина тој да биде осуден за тероризам, но вели скап е данокот на идеалите, тврдокорноста и борбата за правда.

Нормално, изреволтирани бевме сите ние. Ова судство никогаш не било вакво. Ова е дно веќе, од ова веќе подолу не може. Срамота е да се случи вакво нешто во 21 век. Не може во ЕУ со вакво судство – вели таткото на Јане Ченто, Коле.

Некои од семејствата на осудените пак, не само што се разгеделни од својот сопруг, татко или син туку сега се и без единствениот кој до тогаш заработувал. За нив празниците се тешки и на емотивен и на финансиски план. Па така, хуманитарецот Кристијан Јандриоски неколку пати годишно организира хуманитарни акции за собирање на финансиски средства, храна но и облека за децата.
Покрај финансиските средства, многу би било добро да почне јавноста да се интересира со некое од семејствата. Ако има мали дечиња, ќе обезбедат некоја облека, пакет храна, може да се јават колку е ваша последна сметка за струја, да им ја подмират, има многу начини за помош, само да сакаат да помогнат – вели Кристијан Јандриоски.
Семејствата на осудените од 27 април го делат истиот став – после високите затворски казни, и квалификување на делото како тероризам, испратена е порака до народот дека треба да ја ведне главата и да молчи, во спротивно му се заканува исто сценарио. Секој момент им поминува во болка, чекајќи да дојде денот кога повторно ќе се сретнат со нивните најмили, на прагот на нивната семејна куќа.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста