Уште еден скандал со вработен во МНР – кој се работи во македонската дипломатија?

Не бил само Миле Миленкоски „црна дамка“ во македонската дипломатија. Порталот МКД.мк обелодени уште еден скандалозен случај за лице вработено во МНР, кое исто така се поврзува со т.н. мисија за спасување на ерменскиот дипломат. Имено, потралот пишува дека македонскиот дипломат Владимир Сарафов, поранешен советник на екс шефот на дипломатијата, Никола Димитров, како на филм бегал од српските гранични служби стравувајќи дека ќе го приведат по меѓународна потерница. Настанот се случил во јуни годинава, кога Сарафов бил застанат од страна на српската гранична полиција, но тој во паника почнал да бега од службениците назад кон македонската страна од границата, оставајќи го зад себе синиот дипломатски пасош. Истата вечер, српските служби го известиле македонското МНР за тоа дека поседуваат македонски дипломатски пасош и дека очекуваат натамошни инструкции, пишува порталот. Ова пак ја отвора дилемата колку време актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи знаел за овој случај и зошто молчел?!

За скандалот во македонската дипломатија јавноста дозна откако српските власти, на 27 август, го уапсија дипломатот Миле Миленкоски и му одредија екстрадиционен притвор по меѓународната потерница распишана од Ерменија за „илегален премин на граница извршен од група по претходен договор или со употреба на сила или закана“.

И премиерот Зоран Заев како и неговите соработници од МНР, актуелниот и поранешниот, тврди дека не знаел многу детали за случајот, но најави оти надлежните ќе постапат согласно потпишаните меѓународни договори.

„Нормално е дека земја која што е развиена демократија, која што ги почитува меѓународните узанси, договори, клаузули, ние ќе постапиме соодветно по тоа. Но, секако, се работи за наш граѓанин, ќе сакаме да дополнително ги дознаеме сите правни акти кои се, затоа што пред се должни сме да ги штитиме нашите граѓани, но истовремено да го штитиме и законот и меѓународното право“, рече Заев.

Тројца македонски дипломати, меѓу кои Сарафов и Миленкоски, во 2018 година со приватен авион, веројатно изнајмен во Србија, од Ереван со фалсификувани документи успеале да пренесат во Виена ерменски дипломат обвинет во неговата држава за затајување данок, перење пари и корупција. За овој случај, актуелниот шеф на дипломатијата, Османи и неговиот претходник Димитров тврдеа дека не знаеле. Османи по бурните реакции во јаноста најави ветинг и ревизија на безбедносните сертификати на врабортените во дипломатијата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста