Уште еден пожар во Треска – Поранешните вработени фрлија нов сомнеж на целиот случај

Мирисот нс изгорена пластика и пеплосаниот магацин, сведочат за големиот пожар кој вчера ја зафати фабриката во центарот на Скопје. Екипи на против-пожарната бригада на градот и денес интервенираа за да го изгаснат помалиот пожар, кој изутрината избувнал во кругот на фабриката. Овојпат горел друг дел, а против-пожарната бригада интервенирала со две возила.

Градските власти изразија сомневања дека пожарот е подметнат, се сомневаат и околните жители, дека на овој начин се создава простор, за, на местото на некогашниот индустриски гигант да никнат нови бетонски зданија.Пожарот во треска, уште повеќе им го искомплицира животот на поранешните вработени во фабриката. Со години чекаат да им се исплатата 24 заостанати плати и неисплатени придонеси за повеќе од една година.

– “Стечајниот (управник) ја продаде треска за ич пари, иако вика дека го принудиле да ја продаде, а кој го принудил не знаеме. Година и пол не ни е исплатен стажот и 24 плати. Ова не е првпат треска да гори, ова невидено што се случува низ целава наша држава.“ – Истакна претставничката на оштетените работници од фабриката „Треска“.

Работниците додаваат дека нема да дозволат инвеститори да градат, додека не им се решат проблемите и дека не се откажуваат од правдата.

– „Тој што ќе дојде да инвестира ќе треба да не гази. Ќе легнеме таму пред објектот и нека не гази. И така не изгазија. И не мора да постоиме ако не им требаме. Таман ќе приметат дека се реагира и одма нешто се дешава. Ова не е случајно запалено. Целта е објекти да се изградат. Ние не пасеме нафта“ – Изјави Чеде Каранфиловски, поранешен работник во фабриката.

Оштетените работници се сомневаат и во сопствените адвокати. Велат дека со месеци не одговараат на нивните повици и оти целосно ги игнорираат.
– „Ние пред две години ангажиравме адвокати. Ги плативме со тешки маки, собрани од парите на работниците. Само еднаш ни се имаат јавено, што имале поднесено некој приговор до судот. Од тогаш ни живи ни… Ги нема.“ – Се пожали една од оштетените работнички во фабриката.

Зад камерата на Алфа, се пожалија и дека дел од поранешните работници не можат да си го остварат ни правото на пензија. Додека оние кои морале да се спогодат, сега земаат минимални пензиски примања.

За време на мандатот на поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, беше распишан конкурс за идејно решение за уредување на просторот, на кој, според постојниот детален урбанистички план, се планира да се градат згради. Но, битката за ова атрактивно парче земја сеуште е без епилог.