Управен сѐ уште не пресече кој ќе управува со топловодната мрежа во Скопје, Шилегов си крои планови за новото претпријатие

Новото јавно претпријатие „Градски Енергетски Системи“, за парно греење оформено од Град Скопје проектира планови за ширење на топловодната мрежа во главниот град, вели градоначалникот Петре Шилегов. Според него, со ширење на мрежата ќе се овозможи граѓаните да се приклучат, бидејќи овој начин на затоплување ќе бил поевтин за домовите. Дали од октомври скопјани ќе добиваат греење од Град Скопје останува неизвесно, зашто од Владата сеуште одлука нема.

  • Осумте вработени во ЈП ГЕС работат на проектирање на топловодни мрежи, ги знаеме водовите како се движат. Мрежата е запишана, таа е сопственост на Градот. Едноставно сакаме да имаме готови проекти за во моментот кога ќе стартуваме да можеме да ја развиваме мрежата многу полесно, истакна Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Оваа изјава следува откако Државните ревизори се изјаснија дека не било законски Град Скопје да му ја одземе топловодната мрежа на „Балкан енерџи“, зашто оваа компанија имала лиценца до 2047 година, а исто така во развој на мрежата во периодот од 2013 до 2019 година, енергетската компанија вложила околу 7,4 милиони евра.

  • Преземањето на топловодната мрежа може да биде предлог на поведување на меѓународна судска постапка и арбитража од страна на БЕГ. Управниот суд ја уважи тужбата на операторот против Агенцијата за катастар на недвижности што го направила тоа со образложение дека е направена суштинска повреда на постапката, оценија ревизорите.

Од таму велат дека превземањето на мрежата од Град Скопје може да доведе до поведување на меѓународна судска постапка и арбитража врз основа на извршените вложувања.

Повеќе од две години градоначалникот Петре Шилегов не отстапува од иницијативата, дистрибутивната мрежа за топлинска енергија да биде во сопственост на градот. Иако се уште мрежата е под Балкан Енерџи Груп, под Град Скопје функционира новооснованото Јавно претпријатие Градски енергетски системи. Инаку, ЈП „Градски енергетски системи“ е формирано со основачки влог од 250.000 евра.

Борис Грујоски