Унгарија му ја зеде титулата почесен конзул на газдата на фирмата „Еко клуб“

Државниот инспекторат ниту сега, ниту претходно, нe нашол неправилности во погонот за отпад на „Еко клуб 95“, тврди сопственикот на фирмата Сашо Јанакиевски, кој писмено се обрати до медиумите.

-Досега, ниту еден инспекциски надзор од ниту една државна институција не утврдила неправилности во најсовремената методологија за собирање, транспорт и третман на неопасен комунален и опасен – медицински отпад, вели Јанакиевски.

Тој смета оти компанијата „Еко клуб“ станала цел на политичка пресметка и побара од сите надлежни институции докрај да го истражат сомнежите.

Скандалот со медициснкиот отпад Јанакиевски го остави и без почесната конзулска функција. Од МНР за Алфа потврдуваат дека постапката за неговото отповикување е започната.

-Во текот на вчерашниот ден, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија со Нота, добиена од Амбасадата на Унгарија во Скопје е известена дека министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто го отповикува од мандат Сашо Јанакиевски, Почесен Конзул на Унгарија во Битола. Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија веќе ја започна постапката за отповикување на Почесниот Конзул, велат од МНР.

Ова следи по обвинувањата на градоначалникот Шилегов кон Јанакиевски и неговата фирма „Еко клуб“. Според Шилегов, оваа фирма, медицинскиот отпад кој завршувал на „Дрисла“, не го третирала соодветно , за што поднесе и кривична пријава во Јавното обвинителство. Јанакиевски во изјава за порталот „Сакам да кажам“ ги негираше ваквите тврдења, обвинувајќи оти објавените снимки не биле веродостојни.

На снимките што ги објавија од Град Скопје, е прикажано дека медицинскиот отпад во погонот на „Еко клуб“ не се преработува. На нив се гледа и како како кучиња јадат човечки органи, а шприцеви, игли, крвави гази и друг медицински отпад незаштитени се префрлаат во камион за транспорт, од кој се цеди крв. Процедурата за депонирање на ваков вид отпад инаку вклучува пакување во посебни ќеси.

За аферата среагираат и од ВМРО-ДПМНЕ.

Фирмата „Еко клуб“ која од лани има и германски сопственик девет години работи со преработка на медицински отпад. Само минатата година на „Дрисла“ депонирала околу 4.700 килограми медицински отпад.

Сања Трајковска Ставров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста