Укинувањето на квотите за лековите предизвика низа проблеми

Матичните лекари сè уште не знаат дека треба да ги запишуваат броевите на личните карти на рецептите на граѓаните. Лилија Чолакова – Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари вели дека такво известување од Фондот за здравствено осигурување не пристигнало. Па нејасно е како засега се врши онаа контрола за тоа кој го подигнува лекот, како што најавија од ФЗО.

-Ние досега немаме добиено таква нова наредба, да запишуваме број на лична карта или нешто слично. Сега засега немаме некоја обврска во однос на новините, нема никаква промена, а мене лично не ми е јасно зошто хартиените рецепти се уште се во игра, изјави за Алфа претседателката на Здружението на приватни лекари.

Чолакова вели дека дел од пациентите не сакаат да прикажат лична карта кај лекарот, а и ним не им е пријатно да им бараат да пациенти што ги лекуваат со децении, како да се полицајци.

-Реагираат во однос на тоа зошто има потреба да носат лични карти или пасоши, а има и многу пациенти чии документи се истечени, или пак и немаат пасош оти не патуваат надвор од земјава. А има и граѓани што не сакаат да приложат лична карта за дете или внуче да подигне терапија. Немавме проблем, ама го создадовме, немаше потреба да се менува ништо во овој дел. Ние не сме полиција за да ги идентификуваме граѓаните, вели Чолакова.

Граѓаните што ги пресретнавме се со поделени мислења. Дел велат дека мерката е добра оти и на 20 во месецот ќе можат да земат лек на рецепт. Но дел се збунети и не сфаќаат зошто им е потребна лична идентификација на фармацевтите.

Здравствените власти гарантираат дека во текот на целиот месец ќе има лекови на рецепт за сите.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев на последниот брифинг со новинарите најави оти дека во следната фаза од проектот, во секоја аптека која има соработка со Фондот, треба да има и т.н. скенери на лични карти, кои чинат по 300 евра. Фармацевтите за овие новини сè уште не знаат, а постои и проблем, бидејќи нема гарација оти личните податоци на граѓаните ќе бидат целосно заштитени.

Сања Трајковска Ставров