УЈП го истражува случајот „Лила- Дан Мак“- Лукаревска вели рано е за откривање информации

Дали Лила Стојановска ги вратила парите на фирмата „Дан-Мак“ и Ена Норнлинд? Дали 250.000 евра кои легнале на сметката на познатата водителка, биле пријавени во годишната пријава во УЈП?  Дали за овие средства на државата и бил платен данок? Јавноста чека одговори на овие прашања, од УЈП велат се уште е рано. Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денеска информираше дека инспекторите работеле на овој случај, а подетални информации ќе се кажеле кога ќе завршела постапката.

-Во конкретната фирма која што беше поврзувана со конкретното физичко лице, имаме спроведено и контрола, баш заради оваа трансакција. Исто така, странките беа кај нас на разговор, ја објаснија целата ситуација. За подетални информации ќе известиме штом заврши целата постапка, изјави Лукаревска.

Откако беше објавена уплатницата на која се гледа дека на сметката на Лила Стојановска легнале 250.000 евра, , Норнлинд била повикана во Финансиската полиција. Прашува зошто се чекало досега, кога случајот во Обвинителството бил пријавен пред две години.

-Не ми е јасно зошто овој случај не е дел од ‘Рекет’. Во обвинителството се сите документи, мојот исказ, ова што вам ви го велам го имаат и во обвинителството… Но ништо. Молк. Откако пред 2-3 дена на Фејсбук ја објавив уплатницата за Лила Филиповска, вчера веднаш бев повикана да дадам исказ во Финансиска полиција. Што се чекаше 2 години? Кој го чува мојот случај 2 години? Уште еднаш – немам никакво сомневање дека тука се замешани многу повисоки фигури од нашиот државен апарат, порача Норнлинд.

Норнилд во изјава за порталот МКД.мк вели до летото 2017-та се било добро во нејзиниот однос со Лила Стојановска, која била и заштитно лице на нејзиниот козметички салон, а тогаш дошла понудата за како што вели „добра бизнис зделка“ за фирмата „Дан- Мак“. Со своја вистина за овој случај излезе и Лила. Таа потврдува дека ги земала парите, но и дека ги вратила, вели целта на хајка е да се згази по нејзината чест и углед.

-Ноторна лага е тоа што го кажува госпоѓата, чие име и не сакам да го изговорам. Оваа хајка против мене трае веќе подолг период, со објавување на неточни и половични информации. Вистината е дека парите се вратени, за што доказ се и уплатниците кои ви ги доставивме. Во моментот се води граѓанска постапка, која е при крај, а која не треба да биде во интерес на јавноста, но очигледно е дека намерата е да се згази по мојата чест и углед, порача Стојановска.

Ена Норнилд измамата ја пријавила и во канцеларијата на ЕУ во Македонија, но се уште не добила одговор дали таков проект навистина постоел.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста