УХМР: Во пониските и населени места не очекуваме снег

Дождот во земјава изутрината, го намали загадувањето. Граѓаните конечно, по месеци, можат да вдишат чист воздух. Во отсуство на конкретни мерки за борбата против аерозагадувањето, на луѓето им останува да се молат да заврне и да дувне ветер како би се исчистил воздухот.

По подолго време, денеска нема магла падната над скопските улици, а поради дождот воздухот нема мирис и боја. Нивото на ПМ 10 честички во повеќето скопски општини е ниско, во останатите има делумна загаденост, но најалармантно е во село Кучково, каде нивото на честичките е 489 микрограми на метар кубен.

Од градовите во внатрешноста, најзагадени се Гевгелија, Струмица и Куманово.

Од управата за хидрометеоролошки работи велат дека под влијание на влажен бран, денеска во речиси сите градови има врнежи од дожд кои повремено се поројни а на одредени места и пообилни. На високите места, посебно во северозападна Македонија врнежите се од снег.

Во вечерните часови врнежите ќе престануваат, од утре се очекува стабилизација, а среда повторно дождови и да одредени места поројни. Во пониските, населени места, за сега не се очекуваат врнежи од снег поради високите температури периодов – вели Костадинка Арсовска од УХМР.

Најавата за дождови деновиве дава утеха дека луѓето ќе дишат почист воздух. Но иако денешните бројки на ПМ 10  честички радуваат, до вчера истите беа алармантни.

Еко активистите алармираат  властите да не се однесуваат како да го заборавиле овој проблем кој со години ги гуши граѓаните. Според нив борбата со аерозагадувањето треба да трае во текот на целата година, но нивните предлози нема кој да ги слушне, а власта и понатаму дава знаци дека е контра екологистите. Тие предупредуваат дека премалку финансии се одвојуваат за борба која одзема над 3000 жртви годишно, бараат од надлежните повеќе слух и акција за луѓето да не дишат веќе отровен воздух.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста