Се множат откази во угостителството – власта крои мерки, но без да ги консултира стопанствениците

Кафаните се затворија, ама угостителите помош не добија. Она што добиле е само ветување дека се работело на тоа, без конкретно да прецизираат колку и од кога, реагираат стопанствениците. Тие и се лути на власта зашто по кој знае кој пат без нивна консултација носат мерки, кои и тие не знаат кога ќе ги добијат. Велат ако сериозно не се помогне, им претстои банкрот.

  • Ние како комора ниту сме консултирани, ниту сме викнати, ниту пак сме учесвувале во носењето на било каква помош. Се чудиме на кој начин и врз основ на кој принцип се изготвуваат ние мерки какви год и да бидат. За сега, немаме никаква помош, иако ни ветија дека сите заедно заеднички ќе ги носиме новите мерки и идните чекори, вели за Алфа Здравко Јосифовски од независната Угостителска комора на Македонија.

Од Владата уште еднаш го повторија истиот став дека ќе се помогне онаму каде што треба, вез конкретно да прецизираат кога и колку.

  • Оние економски оператори кои овие две недели се затворени (иако можат да работат со достава на храна и преземање на нарачки преку шалтер) ќе бидат опфатени со нови мерки. Во моментов разгледуваме неколку модели кои ќе се базираат на покривање на дел од остварените приходи. Во моментов приоритет е здравјето и заштитата на здравјето на граѓаните, а за сите настанати штети во економијата, како и досега, државата ќе излезе пресрет, велат од Владата.

Иако од Владата велат дека можат да работат со достава, голем дел од угостителите немаат таква можност. Затоа, велат биле приморани да ги одјават своите вработени, зашто немале никаква гаранција кога ќе почнат со работа, а ни владината помош од петтиот пакет за февруари се уште не им е исплатена.

  • Работата деливери не функционира, кај нас се одјавени сите работници, вака не можеме да издржиме. Но ако веќе сакаат да помогнат, нека го земат просекот од 2019 врз основ на кој може да направат споредба, па врз тоа нека се помогне, додава Јосифовски.

Во отсуство на владина помош, дел од угостителите, посебно оние на градскиот кеј во Скопје, рестриктивните мерки ги искористија за реновирање на локалите.

Угостителските објекти ќе бидат затворени до 20 месецов, но тоа не е гаранција дека забраната нема да се биде продолжена, велат тие. Освен угостителските објекти, затворени се и фитнес-клубовите и спортските сали, како и забраната за одржување конференции и обуки. Забрана да примаат гости имаат и хотелите, мотелите и другите објекти за сместување.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста