Угостителите бараат измени во протоколите за кафаните, зашто за три дена прометот драстично им опаднал

Наместо 45 дена со прележан Ковид, во локалите да може да се влегува со потврда за прележаност од пред шест месеци, бара на туристичко-угостителската комора. Ваквото барање следува откако за само три дена, кафулињата и рестораните останале полу празни, прометот драстично им се намалил откако стапи на сила оваа одлука. Од Комората бараат итно Владата да направи измени на новите мерки, за угостителските објекти да ги зачуваат вработените. Од таму велат дека и натаму ќе се залагаат за зачувување на колективното здравје.

  • Исто така укажуваме и на потребата спроведувањето на мерките и нивното почитување да се прави без исклучоци, бидејќи сме сведоци на ситуации каде во одредени угостителски субјекти континуирано не се почитуваат мерките и препораките, а при тоа не се соочуваат до последици, напротив претставуваат нелојална конкуренција. Покрај тоа што веќе истакнавме дека вработените во угостителските објекти немаат правна надлежност и овластување за барање на документи за, лична идентификација од посетителите, а исто така укажуваме и на опасноста од појава на фалсификувани потврди за вакцинација или за прележан вирус, за кои вработените во угостителските објекти немаат никаква надлежност. Ако инспекциите утврдат таков случај, одговорност треба да се бара од носителот на сертификатот а не од објектот, истакна Ангеловски. 

Со дополнителни барања излегоа и од туристичкиот сектор, зашто периодов биле соочени со еден куп потешкотии, како и сериозно ограничување во работата. Сега бараат и дополнителни економски мерки за поддршка на секторот.

  • Тоа значи дека граѓаните на самите гранични премини да си земат документ за самоизолација, а истата да може да биде прекината со приложување на негативен ПЦР тест или антиген тест уште во наредните 24 часа. Исто така потребно е во меѓуграничните зони да се воспостави можност за изработка на тестови за ковид-19 кои ќе бидат по достапни цени. За намалување на трошоците на граѓаните добро е во мерките да се предвиди можноста за влез во државата со негативен селф антиген тест, кој може да се купи во аптека, истакна Алексова.

Таа додаде дека мерките и рестрикциите носат сериозни ограничувања во работата на туристичко – угостителскиот сектор и дека затоа се неопходни , економски мерки за поддршка.

  • Туристичката сезона е во тек и треба да се креираат мерки кои ќе создадат услови за таа да може да се заврши и да се реализираат аранжманите кои беа одложени од минатата година на безбеден и сигурен начин. Со измените кои ги бараме и кои се веќе доставени до Владата сметаме дека ќе се постигне подобра заштита на колективното здравје, како и намалување на штетните економски последици, рече Алексова.

Новите мерки негативно влијаат и кај игрите на среќа. Трет ден бележат драстичен пад на прометот, што ќе го доведе во прашање опстанокот на овој сектор.

Реагираа и сметководителите. Велат дека вака скроените мерки биле селективни, дискриминаторски и неприменливи, кои во пракса кои ќе го отежнат работењето на фирмите. Инаку, освен кафеаните и рестораните, новите рестриктивни мерки ги испразнија и моловите, како и сите затворени објекти.

Борис Грујоски