Учениците се уште не ја тестирале онлајн платформата

На шест дена пред стартот на новата учебна година учениците и родителите се уште не ја виделе националната платформа за онлајн учење. Дел од училиштата веќе им испратиле на учениците писмени инструкции како ќе оди вклучувањето и следењето на наставата, но сето тоа учениците во пракса не го тестирале. Од МОН признаваат, предизвици на стартот ќе има и тие ќе се решавале во од. Министерката Царовска вели оти школите веќе добиле и пасворди за регистрација и тие наскоро ќе биле испратени до децата со цел платформата да може да се тестира.

Синдикатите со предупредување, училиштата имаат слаб интернет, а наставниците проблем да се логираат. Велат менаџментот на школите треба да обезбеди технички можности за непречено да тече онлајн наставата, а не да бараат од наставниците сами да си носат компјутери. Царовска пак вели дел од наставниците сепак прифатиле да користат сопствени ресурси.

„Според нашите информации релативно голем број на училишта се уште немаат обезбедено технички средства“, Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Националната платформа за далечинско учење со која се пофали министерката Царовска, сепак не била домашна креација туку преземена од странски веќе постоечки сервер. Кадарот на ФИНКИ ја преадаптирал за домашните потреби, а таа според надлежните била бесплатна за користење.

„Таа ја направи ФИНКИ на нивна општествена одговорност затоа што тие се дел од образовниот систем во државата. Таа се заснова на Мудл и на дел од интеграција на Мајкрософт Тимс кој што е бесплатен“ вели министерката за образование Мила Царовска.

Како била изработена платформата, Алфа одговор побара и кај деканот на ФИНКИ, но оттаму засега молк.

Инаку, по препорака на стручната Комисија, Владата им даде зелено светло на 169 училишта да организираат комбинирана настава за учениците од сите одделенија. Од нив шест се државни училишта за деца со посебни образовни потреби, едно приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 се централни општински основни училишта, а 147 подрачни основни училишта.

Кај средните, согласност за работа добиле две државни училишта за деца со посебни образовни потреби, едно приватно и едно општинско средно училиште. Уште 10 други, добиле согласност со физичко присуство да ги организираат само стручните предмети и практичната настава.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста