Учениците од утре на настава, СОНК го стави штрајкот во мирување

По две ипол недели без настава , учениците од утре се враќаат во училиште. Синдикатот за образование, наука и култура го става штрајкот во мирување. Наставницте ќе држат настава, но нема да се откажат од барањата за повисока плата. Најавениот протест за сега е отакажан ама не и преговорите со владата.  Претседателот на СОНК, Јаким Неделков рече дека по направените консултации со правни лица, донесена била одлука да се стави штрајкот во мирување се до решавањето на спорот.

  • Советот на СОНК и СОНК се легалисти и се за почитување на законите, од таа причина дел од одредбите водат кон тоа дека додека траат периодот на помирување и решавање на спорот меѓу двата спротивставени табори, доколку се работи за штрајк истиот оди во мирување, истакна Неделков.

Тој потенцираше дека максималниот период за помирување меѓу двата табори е околу 20 дена, првиот рок е од десет дена, па доколку една од страните не е задоволна од преговорите може да побара дополнителни 10 дена за преговори. Доколку во овој период не се реши спорот кој го имаат, штрајкот повторно ќе биде активен.

Неделков изрази надеж дека платите ќе бидат зголемени, дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени, а колективните договори ќе бидат потпишани и утврдени со рокови. 

  • Инаку, убедени сме дека и платите ќе бидат зголемени, толку колку што бараме, толку колку што се можностите, дневниците за време на штрајкот дека ќе бидат повлечени, односно дека нема да бидат скратени. Сигурни сме дека колективните договори ќе бидат потпишани за основно, средно и детска заштита, и тоа утврдени со рокови до кога. Секако и сите оние придобивки кои со колективни договори баравме да се внесат како што е превоз на вработени, регрес за годишен одмор итн… како и динамика на зголемување на платите во наредните години, особено во 2023 година, посочи Неделков.

Истовремено, тој е убеден дека во наредниот период ќе најдат соодветни заеднички решенија, онаму каде што застанале во преговорите и дека нема да има потреба од активирање на штрајкот.

  • Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, верувајте и сакам да ја уверам и јавноста и нашето членство дека штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, се надевам дека и Владата и МОН и МТСП, еве и нив ќе ги повикам во овој дел на помирување, ќе изнајдеме решение и за сите спорни прашања конечно да најдеме заеднички модел, рече Неделков.

Нова рунда преговори меѓу Владата и Синдикатот продолжува по првомајските празници. Последната понуда на власта беше 12 проценти повисоки плати. Наставниците не отстапуваат од барањето за 18 отсто зголемување но и спроведување на обврските од потпишаните колективни договори.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста