Учениците без книги, наставниците со главоболки – учебната година само што не почнала

Ученици во петто одделение од училиште во скопски Аеродром стравуваат дека учебната година ќе ја почнат без учебници. Родители до Алфа алармираат – надлежните во училиштето им рекле дека учебници има но не за сите ученици, бидејќи доволен број на книги не им биле испорачани, иако биле нарачани уште лани.

Министерката Мила Царовска рече оти учебниците допрва се дистрибуирале до училиштата.

Од друга страна, наставниците мака мачат да го организираат стартот на учебната година. Реагираат оти училиштата не се технички подготвени за онлајн настава. Велат пристапот до платформата одзема време.

„Училиштата не се опремени со техничка опрема, немаат компјутери. Од нас се бара да ги носиме нашите приватни лаптопи. А тоа навистина е проблем, голем дел од нас немаме доволно добри и функционални лаптопи да можеме да работиме на оваа платформа“, вели Гоце Бумбароски, наставник во „Кочо Рацин“ – Прилеп.

Бумбароски вели дека наставниците од прво до трето одделение ќе имаат зголемен фонд на часови што се коси со законот за работни односи, оти децата кои наставата ќе ја следат од дома не ќе може тоа да го прават во реално време со оние во училница. За нив вели настава ќе треба да има во попладневните часови.

„Комбинирањето на физичка настава со директен линк на онлајн настава мене ми е неизводливо бидејќи затоа што јас треба да движам во училницата, да бидам на табла, да бидам со дозволеното растојание меѓу учениците затоа што јас треба да ја следам и нивната работа. Многу е лесно да кажеме дека јас ќе ја вклучам камерата па кој ме слушна, слушна кој не тоа е тоа. Ако сакаме да им овозможиме на сите ученици подеднаков спистап до знаење за тоа треба да имаат сите исти услови“, додава тој.

Во меѓувреме, родители преку социјалните мрежи негодуваат по одлуката на Владата да дозволи настава со физичко присуство само кај одредени основни и средни училишта, претежно од руралните средини. Велат, седењето пред компјутер со часови негативно ќе се одразело врз здравјето на децата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста