Учебната година заврши, а вонредните околности ќе остават последици врз образованието

Заврши учебната година, овој пат во вонредни околности, надвор од училишните клупи кои од март останаа празни. Со одлуката на Владата, наставата родолжи на онлајн платформи, со таканареченото далечинско учење. Онлајн наставите предизвикаа проблем кај учениците кои немаа услови да ги следат, па се поставува прашањето дали секој ученик имаше компјутер за да биде во тек со наставата на далечина. Од друга страна, ваквиот начин на функционирање носи низа прашања дали оваа генерација ќе го има истиот квалитет на знаење и постигнати успеси во однос на изминатите години. Оваа ситуација ќе остави големи последици врз образованието, децидни се упатените.

Не најдов ни еден сериозен труд, сериозна посветеност или работа во Македонија и тоа ќе остави тешки последици за понатамошниот развој – вели проф. Илија Ацески, социолог.

Според професорот Илија Ацески, доколку и на есен се соочуваме со нов бран на пандемијата, Министерството за образование треба да оформи еден поинаков систем за онлајн наставата да биде поефективна.

Да се направи една програма особено за основното но и за средното образование, каде ќе се почувствуваат ефектите од онлајн учењето, дури и кога тоа не го налагаат некои околности. Веднаш треба да се пристапи кон правење на такви програми, пристапи, експериментирања, за да може идната учебна година да ја дочекаме подготвени додава Ацески.

И во вонредни околности, уписите сепак ќе се реализираат. Уписните рокови за првачињата се започнати и ќе траат до крајот на месецов, за средно образование под посебни протоколи ќе се  одржуваат на 16 и 17 јуни, државна матура нема да се полага, а на факултет учениците ќе се запишуваат во август и септември, само со диплома од завршено средно образование.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста