Учебната 2019/2020 година завршува онлајн, без стратегија како во идната со нов пик на пандемијата

Денеска завршува учебната 2019/2020 година за 270 илјади средношколци и основци, меѓу кои и околу 19 илјади првачиња. Оваа учебна година за првпат завршува во вонредни околности и надвор од училишните клупи кои останаа празни од 11 март поради опасност од ширење на заразата со коронавирусот.

Првото полугодие започна со „есенските“ преговори на синдикатот СОНК со МОН за повисоки плати и најави за штрајк, што резултираше со договор  постигнат во ноември, а наставниците од јануари годинава ги добија бараните дополнителни 10 отсто.

Второто полугодие и учениците, и наставниците, ги соочи со нова и досега непозната ситуација што ја наметна пандемијата со КОВИД-19. Наставата три месеци се изведуваше од далечина и онлајн, а со владините уредби со законска сила  се овозможи и правна основа е-наставата до крајот на учебната година да се смета за формална т.е. соодветна замена на класичната настава во училиштата.

Во изминатите три месеци учениците и наставниците се приспособуваа на онлајн-учење, предвање и испрашување, при што се користеа различни алатки и платформи за видеокомуникација.

Владата на крајот на април донесе одлука онлајн-наставата да продолжи до крајот на учебната година, и донесе одлука оваа година да нема  полагање државна матура која се организира во средината на јуни. Матурантите ќе може да конкурираат на факултет на уписите во август-септември  со дипломата за завршено средно образование.

Пролонгирано е и запишувањето на првоодделенците за 2020/2021, па родителите имаат можност од 1 до 30 јуни да ги запишат своите деца во основно образование.

Роковите за упис на средношколци утврдени во Конкурсот не се менуваат, така што  на 16 и 17 јуни е првото пријавување во јунскиот уписен рок, со тоа што спроведувањето на уписите ќе биде согласно со протоколот донесен од Владата по препорака на Комисијата за заразни болести.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста