Уцени или преговори- какви пораки испраќа ДУИ?!

Какви пораки испраќа ДУИ? Кого уценува, а со кого е спремен да преговара за коалиција? Оваа дилема се отвора откако високиот партиски функционер на интегративците Артан Груби, кажа дека е можно коалицирање со СДСМ, но само доколку социјалдемократите прифатат премиер да биде Насер Зибери. Според реториката на ДУИ, партијата на Заев е засега е единствена уценета да прифати шеф на Владата да биде Албанец, додека ваквиот услов како да не важи за опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Груби повикувајќи се на претходно успешниот избор на Талат Џафери за собраниски спикер, го става СДСМ во незавидна позиција. Според наши извори од Мала Речица, таму се убедени дека единствено социјалдемократите во моментов би прифатиле Албанец премиер.

-Ставот на господинот Ахмети дека со Социјалдемократскиот сојуз го променивме името, го променивме уставот, направивме двојазичност во државава, направивме добрососедски договор со Бугарија, па и уставот го споменав го сменивме, постигнавме Преспански договор, го заокруживме нормативниот дел од Охридскиот договор, направивме реформи во безбедносниот систем, во администрацијата, во судскиот систем исто така. Направивме огромни, многу тешки реформи заеднички и граѓаните не наградија. И ние секако дека сме отворени за продолжување на соработка СДСМ со Насер Зибери како премиер, изјави Груби.

Од Мала Речица не исклучуваат договор за коалиција и со опозициската партија од македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ. Али Ахмети во неколку наврати во текот на предизборната кампања најави дека Зоран Заев нема да биде премиер на Македонија. А во интервју за Миа во предизборието, за коалицирање со другите политички субјекти наведе дека услов е да не се прекршуваат договорите со Грција и Бугарија, не споменувајќи ја уцената за Албанец премиер.

-Значи, секој што се обидува да ги прекрши овие договори на кој било начин, не може да биде партнер со нас, затоа ние сме многу отворени и искрени и го направивме предупредувањето навремено, изјави Ахмети.

Во јавноста на големо се шпекулира дека е можно постизборно партнерство на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, на тој начин би дошло до израмнување на силите со СДСМ и БЕСА. Ваквите шпекулации добиваат на тежина ако се знае дека партијата на Апасиев е единствената левичарска партија во Македонија, која цврство застанува во одбрана на македонските национални интереси, за што се залага токму и најголемата опозициска партија.

Според наши информации од Мала Речица, таму постои расположение за преговори со ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Преку статус на Фејсбук, партнерство на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, најави и високиот партиски функционер на ДУИ, Бујар Османи.

-СДСМ- БЕСА 46, ВМРО-ЛЕВИЦА 46, ДУИ 15, Алијанса 8, Алтернатива 4, ДПА 1. Сите патишта водат кон Мала Речица, напиша Османи.

Дека ДУИ е подготвен да се откаже од уцената за Албанец премиер, во „Што не е јасно“ на Алфа смета и новинарот Дестан Јонузи.

-Мислам дека ќе има отстапки тука, нема да имаме во овој период Албанец премиер, туку ќе имаме јаки преговори, за јаки позиции, за јаки министерства, за јаки директорски места, изјави Јонузи.

Останува отворена опција БЕСА во Собранието да настапува самостојно, со што коалицијата „Можеме“ на СДСМ, би остана со четири пратеници помалку, што ќе би ги направило втора политичка сила во Македонија, со два пратеника помалку од ВМРО-ДПМНЕ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста