Убиството во скопско Инџиково – грабеж или некој друг мотив стои зад злосторството?

Грабеж или нешто друго? Кој е мотивот на грозоморното убиство кое се случи синоќа во скопско Инџиково? Се уште нема официјални информации од Министерството за внатрешни работи, кое само соопшти дека работи на случајот.

Вчера околу 23 часот две вооружени, маскирани лица, влегле во куќата на 49 годишниот жител на скопско Инџиково. Според информациите од соседите и блиските луѓе на жртвата, чинот се случил пред очите на неговата мајка, а во куќата биле неговата сопруга и гостите. Напаѓачите му се заканиле на сопственикот на куќата барајќи пари, а при расправијата, едното лице со пиштол истрелало куршум во главата на жртвата, по што побегнале во непознат правец.

Според пријавеното, двете лица побарале пари од И.А., но кога им кажал дека нема пари, едното лице пукало кон него. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а увид на местото извршила екипа од СВР Скопје, информираа од МВР.

Соседите исплашени од немилиот настан, не сакаа да зборуваат пред камера. Во неофицијален разговор кажаа дека не им е јасно, зошто некој би направил вакво нешто, кога целата околина го познавала како мирен човек и колку што знаат тие, немал проблеми со неговите сограѓани. Дотоколу повеќе им било нејасно дали причината е навистина грабеж или нешто друго, со оглед на фактот дека куќата е оддалечена од центарот на Инџиково, повеќе од 2,5 километри, а до неа води неасфалтиран и тешко проодлив пат.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста