Убиената Емилија неколку пати го пријавувала поранешниот партнер во полиција
Голема тага и болка во семејството Пешеви, откако сношти нивната ќерка, брутално беше убиена од нејзиниот поранешен партнер. Таткото на 29годишната Емилија, не можеше да ги сокрие солзите, додека заштитнички го милуваше нејзиното дете, кое очајно цело утро ја бараше својата мајка. Емилија е убиена на само неколку метри од домот во кој живееела. Пред грозоморниот чин, немало никакви знаци дека ќе се случи ваква трагедија, објаснува нејзиниот татко.
„Вчера беше на пазар и околу 19.30 ја викнал.Каде ќе одиш Еме, ја прашав. Ми рече дека ја викнале, во близина ќе била. Беше 20.15-20.20, тогаш се случувало тоа…а на мене ни полиција дошла да ми каже дека ќерка ми е убиена. Еве уште никој не дошол дда ни каже. Ми го испратиле детето на обдукција …ни иснпектори,ни полицајци. Многу тешко, како ќе издржиме. Се занимавам со дрва сечење, мотори поправање, сиромав човек сум„ изјави Слободан Пешев, татко на убиената Емилија.
Емилија, помалку од година била во врска со нејзиниот убиец, кој пред извесен период излегол од затвор. Неколкупати пробала да стави крај, но никако не можела да се отргне од канџите на својот злоставувач. Честопати имала и модринки околу вратот, па насилство пријавила и во Полициската станица и Центарот за социјални работи во Штип.
„Има пријавувано до Центарот за социјални работи. Ја малтретирал и се заканувал дека ќе ја убие. Мајка и ја прашуваше, имаше често траги од насилство,модрици по вратот. Ама не кажуваше, дали и се заканувал дека ќе ја убие„ изјави Слободан Пешев.
Од штипскиот Центар за социјални работи, велат дека се запознати со случајот на Емилија Пешева. Била корисник на туѓа помош и нега. На 2 септември побарала постапката за семејно насилство, против убиецот Фазил Зејнелов , да се запре, односно дека не сака да се предложат мерки за заштита од семејно насилство. Како образложение навела дека предупредувањето од полицијата имало влијание врз неговото однесување.
Грозоморното убиство се случи сношти во населбата Суитлак. Дежурен јавен обвинител извршил увид, а траги од лице место се дадени на вештачење. По убиството, 25годишниот убиецот сам се пријавил во полиција.