Убедувањата од СДСМ дека откупот на тутунот тече без проблеми, ги налутија тутунарите

      Тековниот откуп на тутунот, станува камен на сопнување помеѓу власта и опозицијата. По минатонеделната одлука на пелагониските градоначалници и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, неделава од републичкото Собрание да побараат измена на актуелниот Закон за тутун, СДСМ со обвинувања дека ВМРО-ДПМНЕ ги лаже тутнопроизводителите.

  „Откупот на тутун тече во најдобар ред. Заклучно со 4-ти јануари 2022 година, откупени се 10.522 тони на сите 173 откупни пунктови со просечна цена од 191 денар од вкупно договорената количина која изнесува 22.137 тони…Согласно Законот за тутун, откупот трае до 31 март што значи дека динамиката на откуп на тутунот е добра…Да апелирам до тутунопроизводителите и до целата јавност да не наседнуваат на лажните вести пласирани од ВМРО-ДПМНЕ дека увозот на тутун го загрозува откупот на домашниот тутун...“, – рече Гоце Ѓеорѓиевски, претседател на Комисијата за земјоделство при СДСМ.

    Ова пак, уште повеќе ги разгневи, и онака вознемирените тутунари. Тие, на социјалните мрежи со мноштво остри коментари му возвратија на СДСМ, демантирајќи ги нивните тврдења. Според тутунарите, со канцелариски прес-конференции не се решавале нивните напластени проблеми со кои се соочуваат веќе неколку години.

   „Вакво потценување на тутунарите никогаш немало..Наместо да излезат на терен и да ја погледнат вистината за тутунарите в очи, тие низ пресови и статуси на фб не убедуваат колку ни е добро…Вие сте зло за македонското земјоделство“

  „И да дојдат на терен, во тој момент тутунот ќе се цени по друга линија, а откако ќе заминат, пак иста песна, ни 180 денари…“

   „Овој знае ли што е тутун, или некој му напишал на лист, па тој само чита?!“

  „Сите овие мршојадци многу добро знаат дека работата е повеќе од хаотична и дека се случува грабеж на народот…“

   „А бе, и во турско не било еден литар масло 120 денари, а едно кило тутун 180 денари…“

  „Кои лаги на ВМРО, бре ?! Ние мастило да не пиеме?! Просекот не иди ни 180 денари, а се е појдено дупло нагоре. Како не ви е срам, ни го земате тутунот без пари…?! – се само дел од лавината коментари на тутунопроизводителите на социјалните мрежи.

    Инаку, како што веќе информиравме, во текот на неделава, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, до Собранието на РМ, по трет пат ќе ги достават Предлог-измените на Законот за тутун, откако во февруари и мај, минатата година, пратениците од СДСМ на двапати одбија да ги изгласаат.

 Каролина Дурло     

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста