Тврди ли премиерот дека близу 300.000 граѓани заминале од земјава за 15 месеци владеење на СДСМ?

Тврди ли премиерот Зоран Заев дека за 15 месеци близу 300.000 граѓани заминале од Македонија? Ваква дилема фрли изјавата на Заев кој рече оти бил сигурен дека 64 отсто од присутните граѓани во земјава излегле да гласаат на редерендумот минатата година. За ова премиерот се потпира и на истражување на институтот ИФИМЕС чии анализи, според првиот човек на Владата, биле регионално релевантни.

„Јас верувам дека 64 проценти од тие што биле во државава гласале на референдумот“, рече Заев.

Ако се пресметаат бројките тоа би изгледало вака:
На избирачкиот список за септемвриското изјаснување биле запишани 1.806.336 гласачи. На гласање излегле 666.743-ца што според пресметките на ДИК е 36,91 отсто. Но, ако се земе предвид анализата на која се повикува премиерот, за излезност од 64 проценти, тогаш во земјава присутни биле едвај 1.043.000 гласачи. Или 290.400 гласачи ја напуштиле Македонија во последните две години, по предвремените парламентарни избори во 2016.

Предвремени парламентарни избори 2016 година:
1.784.416 гласачи запишани во избирачкиот список според ДИК
– 450.000 фантоми за кои тогаш алармираше СДСМ
= 1.334.400 гласачи биле во земјава според СДСМ

Референдумско изјаснување:
1.806.336 гласачи запишани во избирачкиот список според ДИК
666.743 гласале што според ДИК е 36,91%
Ако овие 666.743 гласачи биле 64% според Зоран Заев
= 1.043.000 гласачи имало во земјава во септември 2018 година

Проста математика:
1.806.336 – 450.000 = 1.334.400
1.334.400 – 1.043.000 = 291.400

А, во 2015-тата од парламентарната говорница, пратеникот Горан Сугарески, тогаш од опозициската СДСМ обвинуваше за масовен егзодус.

„Статистиката покажува дека заклучно со 2013 година, 600.000 граѓани ја напуштиле Македонија“, рече Сугарески.

Ако пресметките на премиерот се точни, тогаш државава за првите 15 месеци од владеењето на СДСМ ја напуштиле над 290.000 граѓани или во просек по 20.000 македонци месечно се селеле во други земји.

Биљана Божиновска