ТВ Алфа доби нов одговорен уредник

Ексклузивни, навремени и потврдени информации; за доброто на јавноста и на Македонија. Новиот одговорен уредник на вестите на националната телевизија Алфа најавува надградба на досега сработеното. Никола Крстиќ на оваа позиција доаѓа по двегодишен ангажман во Гласот на Америка во Вашингтон.

„Гледачите судат за нашата работа. Токму затоа довербата што веќе ја имаме од нив останува наш приоритет. Уверен сум дека со подновен и подмладен тим кој во моментов се проширува ќе можеме да одговориме на сите предизвици“ вели новиот одговорен уредник Крстиќ.

Тој додава дека дадената доверба да се биде одговорен уредник на телевизијата која важи за критички настроена е посебен предизвик.

„Алфа и досега ја прикажуваше реалната состојба во Македонија, без филтри и задршки. Ќе продолжиме така зашто медиумите мора да бидат коректив на власта и со тоа да помогнат во градењето на подобро и поправедно општество“ додава тој.

Генералниот директор на телевизија Алфа, Јани Бојаџи, вели дека е убеден оти новиот одговорен уредник ќе внесе свежина и енергија потпирајќи се на искуството од Гласот на Америка, медиум со меѓународно реноме.

„Верувам дека ќе ги пренесе стекнатите знаења и вештини за тоа како е да се зборува слободно и за слободата на информирањето. Нашите амбиции никогаш не биле поголеми. Немам сомнежи дека враќањето на Никола Крстиќ од Соединетите Американски Држави назад во неговата редакција, ќе овозможи по примерот на Гласот на Америка, Алфа Телевизија да биде Гласот на Македонија. Му посакувам многу среќа и успех“ вели Бојаџи.

Никола Крстиќ доаѓа на позицијата на Искра Коровешовска која беше одговорен уредник повеќе од две години. Таа останува во телевизијата како дел од тимот на вестите.

„И благодарам на досегашната уредничка за изминатите две години успешно водење на департментот вести како единствен критички медиум во Македонија. Беше пријатно да се биде дел од едно време кое сите нас не направи посилни и поодлучни. Продолжуваме да соработуваме со почитуваната Искра и понатаму како дел од истиот тим“ вели генералниот директор на телевизија Алфа, Јани Бојаџи.

Крстиќ има 15 годишно новинарско, пред сѐ телевизиско искуство. Кариерата ја започнал во А1, а потоа ја продолжил во Канал 5 Плус, Македонската Телевизија и во Алфа. Оттаму заминал во Вашингтон каде две години работел како новинар, презентер и главен продуцент за македонската редакција на Гласот на Америка. Има дипломирано новинарство на Правниот факултет при Универзитетот Јустинијан Први во Скопје, а професионално се дообучувал на Универзитетот на Централна Флорида и на Универзитетот на Мисури, како и на повеќе меѓународни курсеви и семинари.б

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста