Тутунарите ја демантираат власта дека годинашните откупни цени на тутунот се најдобрите досега

         Вчерашниот обид на пратеникот од СДСМ, Диме Велковски, непосредно пред изборот на новата Влада, од собраниската говорница да ги одбрани актуелните земјоделски политики, по којзнае кој пат, ги стави контра себе македонските тутунопроизводители. Според Велковски, за време на нивното владеење, а споредено со она на претходната власт, и откупните цени, но и субвенциите отишле значително нагоре.

   „Не само што има субвенции, туку тие се и покачени. Ќе ја земам пример, еве, нашата традиционална земјоделска култура – тутунот за кој што само таа има Закон каде што имаме диригирано производство. Значи 2018, 2019, 2020 година килограм тутун е откупен по 214, 217, 220 денари. Оваа година, половина е веќе откупен тутунот, цената е 191 денар за килограм“, – рече Диме Велковски, пратеник од СДСМ.

  На ова, огорчено и револтирано, веднаш возвратија непосредните производители, кои велат дека ако се земат предвид севкупните, енормни зголемувања на сите производствени, но и животни трошоци, годинашните откупни цени биле катастрофални.

  „Вчерашната изјава на еден од пратениците на СДСМ дека тутунот во Македонија се откупувал по 200 денари просечна цена, не е точна. Исто, правеа компарација дека во 2014-та година тутунот бил 117 денари, во 2015-та таму не знам колку бил – 115 до 120/130 денари, реално на тие трошоци на живот и сега кога ќе ги споредиме овие трошоци на живот со оваа цена што сега моментално ни се пласира, а негде просечната цена во Македонија е околу 197 денари, не кореспондира со трошоците спрема живот што ги имаме ние како тутунари“, – објаснува Тони Ангелески, претставник од Четирите новоформирани тутунски здруженија.

  И на социјалните мрежи тутунарите не ги штедеа своите коментари на револт и гнев. Тие пишуваат дека „се’ било лага, дека цената на тутунот не била 220 денари, туку просек 170 денари што било резултат на преполовените количини во однос на минатата година“. „Кило масло во време на СДСМ е 96 денари, а во време на ВМРО беше 56 денари“, коментираат тие.

  Инаку, според тутунарите и повторниот избор на новиот министер за земјоделство Љупчо Николовски бил целосно погрешен избор, бидејќи, како што објаснуваат, тој, заедно со Трајан Димкоски веќе се докажале како „гробари“ на македонското земјоделство. Тутнарите бараат министер кој се разбирал од земјоделие, а не правник кој не знаел ни „з“ од земја.

Каролина Дурло   

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста