Тутунарите го блокираа Плетвар

На прилепските и долненските тутунари им зовре, тие денеска излегоа на мирни предупредувачки протести – Незадоволството од текот на откупната кампања после новогодишните празници, а на која укажуваат со денови, денеска на протести ги изваде прилепско-кривогаштанските и долненските тутунари, но и тутунарите од Македонски Брод.

Првите, утринава, еден час го блокираа патниот правец Прилеп-Градско, а додека вторите, Прилеп-Македонски Брод, од каде, синхронизирано упатија три јасни барања: повторно отворање на сите откупни пунктови, потоа реална проценка на класите, согласно квалитетот на тутунот, како и укинување на Законот за увоз на тутун, бидејќи македонското производство трпело невидени штети.

Тутунарите се пожалаа и на селективен откуп, но и на притисоци и на несоодветно реагирање на надлежните инспекциски служби и на поверениците.

Според нивните проценки, само во прилепско имало уште околу 2 милиони килограми неоткупен, а договорен високо-квалитетен тутун, главно од последните берби, кој род, заради временските услови, повеќе не можеле да го чуваат дома.

Неисполнувањето на овие барања, ќе значело и радикализирање на протестите, велат тутунарите.

Инаку, во изминатиот период ресорниот министер Трајан Димковски тврдеше дека откупот се одвивал без проблеми, а откупувачите пак, пред дваесетина дена дадоа ветување дека ќе ги откупат сите договорени количини тутун, за што, наводно обезбедиле и дополнителни банкарски гаранации.

Меѓутоа, барем засега, состојбата на терен покажува сосема друго. Според Законот, откупот треба да заврши на 28-ми февруари.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста