Турција почна воена офанзива во северна Сирија

Над 15 цивили се убиени, а повеќе од 20 се повредени во гранатирањето на турскaта армија кон сириските гранични градови.

Турското Министерство за одбрана соопшти дека копнените сили денеска продолжиле да напредуваат кон позициите на курдските борци на северот од Сирија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера објави дека турската војска почна операција „Извор на мирот“ против Курди и терористи на ИД во северна Сирија.

Оваа операција беше остро осудена во меѓународната заедница. Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера соопшти дека САД не ја поддржуваат воената операција на Турција во Сирија, и оти нападот е лоша идеја.

Советот за безбедност на Обединети нации денеска ќе разговара зад затворени врати на барање на пет европски држави (Велика Британија, Франција, Полска, Германија и Белгија), додека Арапска лига в сабота ќе одржи вонреден состанок на барање на Египет.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш синоќа изрази длабока загриженост околу ситуацијата во североисточниот дел на Сирија.